Свет

Русија објави дека целосно го „ослободила“ регионот Луганск во Украина

Територијата малку поголема од Македонија е една од четирите украински области што Кремљ ги впиша во Уставот како руски

Русија денеска објави дека целосно го презела регионот Луганск во источна Украина, објави новинската агенција ТАСС.

„Единиците на групата Запад го завршија ослободувањето на Луганската Народна Република“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Ова тврдење не е независно потврдено. Досега нема реакција од украинската страна.

Во септември 2022 година Русија ги прогласи Луганск и уште три источноукраински региони – Донецк, Запорожје и Херсон – за анектирани. Сепак, не воспостави целосна контрола врз ниту еден од овие региони.

Русија речиси целосно го зазеде регионот Луганск на почетокот на војната. Станува збор за територија од 26.684 км², малку поголема од Македонија, која пред почетокот на војната во 2022 година имаше 2,1 милиони жители.

Луганск и соседната област Донецк го формираат индустрискиот регион Донбас, каде што во 2014 година избувна проруски сепаратистички бунт.

Руската армија напредува бавно, но методично во областа Донецк, од која тврди дека зазела над 80 проценти. Нејзиното барање Украина да ги повлече своите трупи од остатокот од Донецката област е еден од главните камења на сопнување во мировните преговори што Киев и Москва ги водат со посредство на Вашингтон, а според украинскиот претседател Володимир Зеленски, тоа е поддржано од САД како услов за обезбедување гаранции за безбедноста на неговата земја.

Вооружените сили на Украина (ВОУ), од своја страна, денес објавија, цитирани од Укринформ, дека го одбиле најголемиот напад на руски моторизирани единици од почетокот на годината во правец на Славјанск.

По Краматорск, Славјанск е најголемиот град во Донецката област што останува под украинска контрола.

Најнови вести од: Свет

To top