Македонија

Роденден на Ѓорче Петров: Бугарските власти сакаа да ме обесат заради Мис Стон, половина од парите ни отидоа против врховистите

На денот на раѓањето на Ѓорче Петров, 2 април 1865 година во прилепски Варош, објавуваме дел од неговите Спомени за улогата што тој ја имал во аферата Мис Стон

-На денешен ден, 2 април 1865 година, во прикепски Варош е роден Ѓорче Петров, убиен на 28 јули 1021 година. Ова се дел од неговите спомени, од 14 јуни 1908 година, за неговата улога во аферата со грабнувањето на Мис Стон:

„Уште не бев отишол од Софија, кога решивме Делчев лично да ја води борбата тука со Цончевистите. Тоа беше уште пред да лежам в участок да ме интернираат во Трново. Аферата Мис Стон веќе беше станала. Нејзиното фаќање стана без наше знаење. Ние знаевме, оти се крои да се фати друго лице на Долноџумајскиот панаѓур, — Серско. Кога не успеавме, разлошката чета на чело со Сандански, на враќање во Разлог, скроила набрзо нов план, та ја фатиле Мис Стон заедно со Цилка. Кога ја свршиле работата, подгонети од таму, првите дни се префрлиле во Бугарија, во Дупничко. Ја свршиле работата, а понатака ги заплеткале конците, не знаат што да прават“, раскажува Ѓорче Петров.

Тој тврди дека Никола Малешевски настојувал Ѓорче појде во Дупница, да даде упатства како да се постапува понатаму.

„Кроевме план да се сретнам со нив, со Сандански, за да им дам лични напатствија. Тука софиската полиција беше многу се раздвижила за да ги фати или луѓето или барем нишките на работата. Јас не можев поради тоа да ги видам нив, специјален полициски човек оттука специјално ме следел, без да знам јас (Велјо Маринов, сегашниот полициски пристав). Јас случајно го сретнав и на шега му реков, дека наверно тој отишол да фаќа комити и дека наверно и мене сака да ме фати. Тој се смути, така дознав оти е така. Отидовме да се почестиме се понапивме, и тој ми призна, и јас утредента бегај назад во Софија. Владата беше сериозно загрижена да го фати Сандански; срамно им беше оти се губи честа на бугарското име во Европа и Америка. Убедувањето кај Владата беше дека, интелектуалниот виновник сум јас така што мислеле да ме уапсат. Каравелов имал намерение мене и Малешевски просто да не обесат преку воен суд за да му дадат на европското општество мнение. Но полициските луѓе уверувале, дека мачно ќе можат да истргнат нешто од мене по судски ред. „Од тој ѓавол ништо нема да дознаете“ — рекле“, се сеќавал Ѓорче.

Тој мисли дека да билде бугарските власти повнимателни, ќе го фателе во стапица на граница. Најпосле решиле да го интернираат во Куртбунар.

„Јас протестирав пред градоначалникот К`нчев, ги потсмевав министрите. Јас сакав бидејќи немав средства, да ме остават да живеам во Трново, каде што имав пријатели. Се согласија, но под многу строг (таен) надзор, кореспонденцијата да ми се прегледува и секој да се следи, кој би дошол при мене и т.н. Ова го научив после. Јас условно бев засегнат од оваа мерка. На кинисување му реков на градоначалникот, дека тие посегнуваат не на мене, ами на организацијата. И не требаше овој прв случај на посегнување на организацијата да го остави така, но на жалост кај нас условната честољубивост не е развиена, а и Гарванов беше во Ц.К., кој што се радуваше за тоа. После од полицискиот пристав во Трново, со кого се спријателивме, дознав колку строги шпиунски мерки зеле против мене. Наспроти оваа строгост пак целата Мисстоновска работа пак јас ја свршив. Оттука, пред да ме интернираат, јас го испратив првото писмо на мисионерите во Самоков, во кое што се изложуваше судбината на Мис Стон, намерението за заграбувањето и предлог за откуп со 25.000 лири. Имаше и нејзино саморачно писмо. Во одговор дојде секретарот на цариградската американска легација. Доаѓа понапред во Трново кај мене Малешевски, скришум, се разбира, за совет по борбата со врховистите и по оваа работа. Доаѓа два пати. Условивме, да дојдат во Софија двајца пратеници од Сандански за да уговараат со пратениците на легацијата. Дојдоа Чернопеев и Крсто Асенов. И овие доаѓаа два пати кај мене во Трново за инструкции“ вели Ѓорче.

Тој во Спомените додава дека имал посредни предлози од Владата да и` ја разоткрие работата, да изврши предавство и потоа да ја остави Владата да ја заврши работата.

„Ризов сакаше да си даде значење и сакаше тој да дојде при мене да преговараме. Ни предлагаа да се откажеме од откупот, за да направиме добро впечатление. Нашите нужди беа големи. Јас се чудев на ова мешање на Владата. При првото сретнување американскиот секретар се однесол многу наголемо, рекол, оти тој немал работа со разбојници, а сакал да третира со Владата. По мои напатствија нашите му одговориле, оти тие не ја признаваат Владата, оти таа е нивни непријател, оти ако тој не сака и ако посмее да ги издаде, и тој нема да остане жив и тие живи нема да се предадат. Зборувал тој, изгледа со Владата, и потоа беше поомекнал и влегол во пазарлак. Пазарлакот му бил отфрлен, почнал од 5000 лири. На неколку сретнувања уредените преговори во општи црти, останале да се довршат во Цариград. Се сомневавме и со право, дека се` станува во споразум со Владата, најдовме за поумесно центарот на преговорите да се пренесе во Пловдив, а од таму пратеник, бугарски мисионер, одел во Цариград и оттаму преговорите станувале направо со четата во Разлог. Бидејќи четата се уморила, многу се продолжи — и бидејќи врховистите, поткрепени и од нашата Влада, со јаки чети одеа потрага, решивме да отстапиме на 14.000 лири“, раскажувал Ѓорче.

Тој открива дека парите од откупот ги донеле Сандански, Крсто Асенов и Сава Михаилов, — во злато, се лири. Ги донеле во неговата соба.

„Јас скришум се вратив од Трново за неколку дена. Ги распределивме на мали делови на разни пријатели за да ги чуваат времено. Еден дел оставија во Костенец Бања еден во Враца по роднини и познати. Ги чуваа луѓето како светиња, а имаше и страв одзади. Луѓето излегоа верни. На Страшимиров, поетот, бев му дал на чување 3000 лири, во Биолчев — 1000, кај еден доктор, кој што живее со роднини, — 2000 лири. Страшимировата жена Стефка ги чуваше како светиња — ги предадоа. Како за спомен не се сетивме да дадеме нешто, награда, — така чесно се зачуваа.

Парите не се зедоа наеднаш од луѓето, што ги чуваа, но постепено, како што се трошеа. Делчев беше повикан од внатрешноста и се образува комисија: Делчев, Н. Малешевски, Туше Дели Иванов и Стефанов, мислам. Тие беа натоварени да решаваат и контролираат по прашањето на парите, имено на оној дел, кој што беше определен да се троши во Бугарија. Еден дел беше определен за внатре и се распредели по окрузите. Повеќето пари се потрошија тука. Никој од директните учесници никаква награда за себе не зеле и никакви промени на нивниот живот полн со лишувања, не последија ниту се забележаа. Овие пари тука, во општи линии, многу помогнаа за подигање на организацијата. Во најголем дел парите отидоа тука за борба против врховизмот“, истакнал Ѓорче за целата афера со грабнувањето на Мис Стон и за начинот на кој биле земени и чувани парите.

Во тоа време, тие 14 500 лирри вределе околу 100 000 американски долари. Во денешно време, тоа се околу 3,8 милиони долари. Тоа што е битно е дека грабнувањето на Мис Стон се врзува пред се за Јане Сандански, а малкумина знаат и за улогата на Ѓорче Петров, иако тој не учествувал во акцијата и во шестмечесното талкање по планините со мисионерката и Катерина Цилка.

МИА

Најнови вести од: Македонија

Пациентите биле неправилно лекувани и нивниот животен век бил скратен – вештак од Србија во случајот „Онкологија“

Радославевиќ, во своето вештачење, констатира дека пациентите “биле неправилно лекувани и дека нивната здравствена состојба била влошена и со тоа нивниот животен век бил скратен”

(Видео): СДСМ поднесе кривична пријава против гувернерот Трајко Славески оти вработени земале плата без мандат

Како што велат од СДСМ, Славески со своето постапување грубо ги прекршил законските обврски и ја довел во прашање законитоста на работењето на Народната банка, предизвикувајќи штета врз институцијата и правниот поредок.

(Фото): УЈП ќе обучува студенти за работа во странство – почнуваат обуки за даночни обврски

Управата за јавни приходи најави организирање обуки за студентите кои работат во странство, со цел подобро да ги разберат своите даночни обврски и права. Од таму информираат дека обуките ќе започнат од понеделник, по средбата меѓу директорката Елена Петрова и претставниците на Универзитетското собрание на студенти при УКИМ (УСС – УКИМ), Ангела Василевска и Адам Стојановски.

Лебот нема да поскапи до крај на април

Од Министерството и индустријата нагласуваат дека заеднички ќе ја следат ситуацијата, особено во однос на движењето на цените на нафтата и енергенсите. Доколку дојде до влошување, ќе се бараат мерки за да се спречи раст на цените во овој сектор.

To top