Македонија

Филмска акција кај Градско: Спречен шверц на 65 килограми марихуана

На наплатната рампа кај Стоби, полициските службеници забележале сомнително движење на патничко возило „сеат алтеа“ со скопски таблички

Полицијата вчера пресече транспорт на околу 65 килограми марихуана на автопатот „Пријателство“, во близина на Градско, при акција спроведена од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со специјалната единица САЕ „Тигар“. Во операцијата уапсени се две лица, кои биле пренесени во Полициската станица во Велес.

Акцијата се одвивала со поставена заседа долж автопатот, со цел да се спречи нелегална трговија со дрога. На наплатната рампа кај Стоби, полициските службеници забележале сомнително движење на патничко возило „сеат алтеа“ со скопски таблички. Кога му бил даден знак да застане за проверка, возачот нагло забрзал и се обидел да избега во правец на Градско.

По кратка потера, полицијата го запрела возилото и извршила контрола. Зад воланот бил Ф.Н. (38) од Скопје. При претресот, во автомобилот биле пронајдени четири црни торби во кои имало вкупно 65 кеси со растителна материја, со вкупна тежина од околу 65 килограми, како и два мобилни телефони.

Освен Ф.Н., приведен е и Ј.М. (55) од Кавадарци. Двајцата се осомничени за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, предвидено во член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Кривична пријава против нив ќе биде поднесена до Основното јавно обвинителство во Велес. Запленетата растителна материја, по наредба на јавен обвинител, ќе биде предадена на вештачење во Одделот за форензички испитувања при МВР.

 

 

 

Најнови вести од: Македонија

Светско признание за министерот Тошковски за „Безбеден град“ (ВИДЕО)

Наградата претставува меѓународно признание за проектот насочен кон подобрување на безбедноста во сообраќајот преку примена на современи технологии, автоматско регистрирање на сообраќајни прекршоци и дигитализација на постапките

Ахмети: Балканските криминалци соработуваат, но не и политичарите

„Трагедијата е во тоа што народите и политичарите кои ги претставуваат – и Македонците, и Албанците, и Србите – не успеваат да соработуваат за да изградат мирен Балкан и посигурна иднина за сите нас“, вели лидерот на ДУИ

To top