Спорт

За Јамал сезоната е завршена, но ќе биде подготвен за мундијалот

Јамал ја повреди тетивата на левата нога на синоќешниот првенствен дуел со Селта при постигнувањето на голот од пенал

Добра и лоша вест околу повредата на најдобриот млад фудбалер во светот и во моментов еден од најдобрите воопшто, Ламин Јамал: лошата е дека сезоната заврши за него, а добрата оти ќе биде подготвен за настап на претстојното Светско првенство.

„Спроведените тестови потврдија дека играчот од првиот тим Ламин Јамал има повреда на тетивата на левата нога (бицепс-феморис мускул). Играчот ќе следи конзервативен план за лекување. Ламин Јамал ќе го пропушти остатокот од сезоната и се очекува да биде достапен за Светското првенство“, соопшти Барселона.

„Оваа повреда дојде во момент кога најмногу сакав да бидам на теренот и боли повеќе отколку што можам да опишам. Ме погодува тоа што не можам да им помогнам на соиграчите кога сум најпотребен. Но, верувам во нив и знам дека ќе го дадат максимумот“, порача Јамал. „Ќе бидам тука – дури и од клупата, ќе ги бодрам и ќе ги туркам напред. Ова не е крај, туку само пауза. Ќе се вратам уште посилен и помотивиран, а следната сезона ќе биде уште подобра. Ви благодарам за пораките, напред Барса“.

Десното крило на каталонскиот гигант има повреда на тетивата на левата нога што ја доби на синоќешниот натпревар со Селта при постигнувањето на голот од пенал, единствен на средбата, со кој Барса направи уште еден чекор кон шампионската титула во шпанската Ла Лига.

 

Најнови вести од: Спорт

To top