Хроника

Сакала да внесе дрога во затвор, „спакувана во – јајца

Жена дошла во посета на својот сопруг кој издржува затворска казна во Идризово и со себе носела дветабли јајца во кои при детален преглед било утврдено дека дури во 28 јајца биле скриени пакувања со дрога

Основното јавно обвинителство Скопје покрена истражна постапка против 25-годишна жена откако пред два дена бил спречен несекојдневен обид за внесување дрога во КПУ „Идризово“.

Осомничената се товари за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги откако кај неа биле пронајдени марихуана и кокаин.

Настанот се случил на 20 мај, кога жената дошла во посета на својот сопруг кој издржува затворска казна. Таа со себе носела две табли во кои на прв поглед биле спакувани 60 јајца. Сепак, при детален преглед на скенер и рачна проверка било утврдено дека дури во 28 од јајцата биле скриени пакувања со дрога.

Пронајдени биле вкупно 318,62 грама марихуана и 142,2 грама кокаин.

Иако обвинителството ја нагласува тежината на делото и постоењето на ризик од бегство, сепак е земена предвид семејната состојба на осомничената.

„Имајќи го предвид фактот дека осомничената е мајка на малолетни деца, од кои едното е 5-месечно бебе, јавниот обвинител достави предлог за определување мерка куќен притвор“,

велат од ОЈО Скопје.

Најнови вести од: Хроника

Започнува постапката за четирите малолетни насилници од Аеродром: побарана забрана да ѝ се доближуваат на 12-годишната жртва

Јавното обвинителство побара да се поведе постапка против две 14-годишни девојчиња и две момчиња, осомничени за насилство, помагање и неовластено снимање на нападот врз 12-годишно девојче во скопската населба Аеродром. Станува збор за насилниот инцидент на 30 јуни во скопската населба Аеродром, кога 12-годишното девојче беше физички нападнато, а целиот настан беше снимен со мобилен телефон.

Бомба фрлена кон угостителски објект во тетовското село Добарце – двајца повредени

На 08.07.2026 во 01:20 часот во Полициското одделение Групчин, Д.Ф.(51) од с.Добарце, тетовско пријави дека од патничко возило „цитроен“ во движење е фрлена рачна бомба кон неговиот угостителски објект, лоциран покрај локалниот пат во селото.

Поднесено обвинение за „Еуростандард“ банка од Скопје – намерно е втурната во стечај со долг од 27 милиони евра!

Со одобрување кредити на кредитно неспособни и поврзани правни лица, без соодветни анализи и обезбедување, со прикривање на реалната финансиска состојба и ризиците, како и со неточно известување до Народната банка, пријавените придонеле банката да биде доведена во стечај, а доверителите да бидат оштетени со околу 27 милиони евра во денарска противредност. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против три лица кои се товарат дека сториле по едно кривично дело „Предизвикување стечај на банка“, како и обвинителен предлог против едно лице за кривично дело „Несовесно работење во службата“.

To top