Милан Илоски ги разгали срцата на Македонците низ целиот свет со феноменалниот настап против тимот на легендарниот Лионел Меси во американската МЛС-лига, и тоа со македонското знаме на дресот како уште една потврда за своето македонско потекло по татко, благодарејќи на што има и пасош на Македонија покрај тој на САД, кадешто е роден.
Напаѓачот на Филаделфија јунион запиша хет-трик, постигнувајќи ги сите три гола во првото полувреме, против шампионот од 2024 година, Интер Мајами, кој на крајот славеше со 6:4 пред своите навивачи во натпреварот со рекорден број погодоци (8) за едно полувреме во историјата на лигата.
Токму Илоски го отвори резултатот само по три кинути игра, а потоа двапати беше прецизен од белата точка – во 10. минута за 2:0, откако изнуди пенал, како и во осмата минута од судиското продолжение на првиот дел за 4:4.
За исклучителниот перформанс, зачинет со 7 упатени удари (5 во рамките на голот), најмногу од сите на теренот, 8/9 добиени дуели во одбраната и 3 украдени топки, 26-годишниот центарфор го доби признанието за играч на натпреварот со оценка 9,7!
Илоски сезонава постигна вкупно 8 гола и 1 асистенција на 19 одиграни меча, а лани јасно и гласно изрази желба да го облече дресот на фудбалската репрезентација на Македонија.
„Сите од страната на мојот татко се Македонци. Пораснав со моите баба и деде, кои ми зборуваа на македонски. Иако не зборувам толку добро, го разбирам јазикот доста добро и секогаш комуницирав со нив на македонски. Горд сум што сум од Македонија. Пораснав со тоа во домаќинството, со македонските вредности и со начинот на кој се справувавме. Тоа е голем дел од мојата личност“, изјави тогаш во интервјуто за РГ водено од македонскиот новинар Филип Мишов.