Свечената церемонија се одржа во резиденцијата на претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова која е покровител на церемонијата, а со поддршка на Министерството за дигитална трансформација. Како што информираа од кабинетот на Трајков, ова признание се доделува за исклучителен придонес во областа на дигиталната трансформација, современите политики и унапредувањето на технолошкиот развој.
- „Ова признание е мотив повеќе да продолжиме со создавање модерно, дигитално и европски ориентирано општество, каде младите, знаењето и иновациите ќе бидат двигатели на иднината“, истакна Викторија Трајков.
Women Tech Macedonia Awards ги слават жените лидери, иноватори и професионалци кои оставаат силен импакт во технологијата, образованието, претприемништвото и дигиталното општество, а годинава за првпат се организираат на национално ниво во Македонија.
Настанот обедини лидерки од институциите, академската заедница, бизнис секторот и технолошкиот екосистем, со заедничка цел – промоција на женското лидерство и дигиталната иднина на државата.

На настанот којшто е во организација на Women in Tech® Македонија во соработка со Министерството за дигитална трансформација, а под покровителство на претседателката Сиљановска-Давкова беа доделени и признанија во 21 категорија.
Добитници на признанијата се:
Бојана Трајковска – Признание за најперспективна жена лидер во технологијата на годината,
Моника Јошевска – Признание за жена лидер на годината,
Маја Виденовиќ – Признание за извонредност во STEM,
проф. д-р Владимир Трајковиќ – Признание за техничка извонредност,
Ивана Каралиева Петреска – Признание за Продукт лидерство,
Емилија Ѓорѓевска – Признание за извонредност во вештачка интелигенција и податоци,
Мартина Димоска – Признание за Пионер во идни технологии,
Викторија Трајков – Признание за лидер во дигитална трансформација,
Сања Митровска – Признание за иновација во развој на продукти,
проф. д-р Весна Димитрова – Признание за извонредност во сајбер безбедност,
Весна Иваноска – Признание за највисоко достигнување во секторот за едукација во технологија,
Никола Велковски – Признание за експоненцијален раст,
Елизабета Јовановска – Признание за Стартап за општествен импакт,
Александра Митревска – Признание за млад претприемач во технологија,
Елена Петревска – Признание за бизнис лидер во технологија,
Елена Иванова – Признание за Двигател на екосистемот,
Анка Трајковска Петкоска – Признание за Едукатор во технологијата на годината,
Наташа Велковска – Признание за креатор на содржини во технологија,
Startup Revolution AI – Признание за најдобра техничка иницијатива за импакт,
Нина Ангеловска Станков – Признание за регионален Импакт,
Верица Јорданова – Признание за медиумско влијание за жени во технологија.
Сиљановска-Давкова во своето обраќање на церемонијата рече дека денес, повеќе од еден век по Вирџинија Вулф и нејзината идеја за „сопствена соба”, пред жените се отвора нов простор – дигиталната соба, во којашто се создава новата архитектура на современиот свет. Посочи дека повеќе од половина од истражувачката заедница во државава ја сочинуваат жени, што за неа претставува сериозен интелектуален потенцијал и силна основа за развој на науката, иновациите и технологијата.
Претседателката порача дека не е доволно жените само да бидат дел од технолошкиот развој, туку рамноправно да учествуваат и во дефинирањето на правилата и вредностите на дигиталниот свет. Таа ја поздрави работата на организацијата Women in Tech, оценувајќи дека преку своите активности ги охрабрува младите девојки да се вклучат во светот на технологијата, науката и иновациите.
Според Сиљановска-Давкова, иднината нема да бара само технолошка прецизност, туку и емоционална интелигенција, а токму жените покажале и докажале извонредна способност и умешност да ја поврзат аналитичноста со човечноста, знаењето со грижата и лидерството со емпатијата.
„Кога една жена ќе успее, нејзиниот успех станува можност и охрабрување за многу други жени коишто доаѓаат по неа”, рече претседателката.