Македонија

Градежните пропусти: Да се преевалуираат сите процедури за градба, бараат надлежните

По свлечиштето на градилиште во Општина Центар е одржан кризен состанок и се донесени интервентни мерки. Градежните експерти советуваат затрупување на градежната јама за да се спречи дополнително свлечиште. Констатирале дека нема доволно инспектори и стручен надзор.

Недоволно се посветува внимание на градежните работи, посебно во густо изградените урбани средини, како што е центарот на Скопје. Треба да се преевалуираат сите процедури за тоа што е неопходно да се исполни пред да се почне со градба. Во законската регулатива не постои задолжение за изведба, за проект за заштита на градежни јами и токму од тука настануваат сите проблеми како овие, изминатите два-три месеца, рече денеска деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски. Како што оцени професорот, сите институции во својот домен треба да го направат она што е потребно.

  • На едно од претходните случувања имавме и човечки жртви, односно човечка загуба, што е нешто најстрашно што може да се случи. Сметам дека треба да се разбудиме, треба сите институции во својот домен да го направат она што е потребно, а ние како Градежен факултет и фела, тука сме да ги дадеме нашите согледувања и инструкции – што е неопходно да се направи за да вакви состојби не се повторуваат во иднина, напомена Јосифовски.

Тој информира дека Општина Центар веќе доставила до Градежниот факултет писмо со барање совети за санирање на свлечиштето во центарот на Скопје. Се одржал кризен состанок и дадени се експертски препораки. Најбитната е, истакна Јосиф Јосифовски, да се затрупа градежната јама и да се врати во првобитна состојба, па потоа да се бараат решенијата, за што се согласиле и градоначалникот и инвеститорот.

  • Писмото пристигна вчера претпладне на Градежниот факултет. Синоќа во просториите на Општината Центар се одржа кризен состанок на кој присуствував и јас. Се донесоа интервентни одлуки и мерки – што треба да се прави веднаш, се дадоа и налози како понатаму ќе се постапува па во наредните денови ќе има разрешница. Најбитно е што ние се потрудивме како експерти да ги дадеме најдобрите совети за состојбата да се санира и да немаме проширување на тој проблем на соседните објекти, од што и најмногу стравуваме, објасни деканот.

Вакви инциденти, според професорот, се случуваат зашто не се следат позитивните искуства и практики за заштита за градежни јами, а и инспекторите се дефицитарни.

  • Општина Центар нема соодветен инспектор кој може да излезе на терен и да направи соодветен увид. Со оглед на тоа што имав увид и во техничката документација конкретно за овој проблем, морам да кажам дека работите не се изведени и заштитата не е направена согласно постојната техничка документација, што значи немало ни стручен надзор на терен, инженер со овластување кој е задолжен тоа да го прави, кој имал шанса и да реагира и да бара да бидат изведени работите на терен како што се проектирани, потенцира Јосиф Јосифовски.

Професорот дополни и дека не се соодветно оградени градилиштата, зградите што се градат.

  • Тоа беше исто спомнато на вчерашниот состанок дека мора да има тврди прегради, да се заштити просторот, зашто вака не ги задоволува критериумите на заштита и има опасност од некаков дополнителен немил настан, дециден е деканот на Градежниот факултет.

Најнови вести од: Македонија

Асоцијациите АПИС и АСОМ бараат јавна расправа во Собрание

Легалните објекти не се закана за младината, туку популизмот, кој затворајќи го овој економски сектор ќе ги направи младите лесен таргет на незаконските играчници, на кои државата ќе нема контрола, соопштија асоцијациите на приредувачите на игри на среќа АПИС и АСОМ кои побараа јавна расправа за новиот предлог-закон.

Светскиот тенор Хосе Карерас ќе настапи во Скопје по повод 35 години независност

Славниот шпански тенор Хосе Карерас и некои од најпознатите македонски музичари ќе настапат на плоштадот Македонија во Скопје на 1 септември во рамките на одбележувањето на 35 години независност на Македонија. Како и настапот на Дејвид Гета на стадионот „Тоше Проески“ на 8 септември, и настанот насловен „Хосе Карерас и македонскиот ол-старс“ ќе биде отворен за јавност.

Македонија високо позиционирана според конкурентноста и иновациите во регионот

Македонија добро позиционирана според конкурентноста и иновациите. Сите македонски региони се рангирани во топ 20 во регионот, а најдобри резултати покажале скопскиот и југоисточниот регион – покажа истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики. Главни двигатели на иновациите и знаењата се странските инвеститори кои користат високи технологии.

To top