Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од денеска до 5 јуни ќе го посети Западен Балкан за да се сретне со лидерите од регионот и да биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, што ќе се одржи на 5 јуни.
Како што информираат од Канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Кошта ќе разговара за можностите и предизвиците околу проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.
Кошта ќе ги посети шесте партнери од Западен Балкан, почнувајќи со Сараево денеска. Во вторник, на 2 јуни, тој ќе биде во Тирана, потоа ќе го посети Скопје, каде ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски. Следниот ден, среда, 3 јуни, Кошта ќе се упати кон Приштина, додека во четврток, 4 јуни, ќе го посети Белград. Турнејата ќе ја заокружи со посета во Црна Гора.
Премиерот Христијан Мицкоски на 29 мај изјави дека очекува при претстојната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта да разменат повеќе идеи за надминување на пречката за интеграцијата на државава во Европската унија од, како што рече, вештачкото билатерално барање.
Порача дека ставот на државава не е променет и оти ќе се бара решение кое нема да го допре достоинството на македонскиот народ и македонските граѓани. Мицкоски повтори дека нема простор ниту милиметар повеќе да се отстапува идентитетски, зашто, посочи, „оваа држава и граѓаните на Македонија дадоа премногу изминатите децении, а за возврат добивме ништо или многу малку и повторно имаме билатерални барања пред нас“.
„Со претседателот на Европскиот совет, Кошта, досега имаме исклучително пријателски разговори, разменуваме идеи, мислења. Секогаш бил конструктивен во насока да се изнајде решение за ова вештачко билатерално барање што го има една земја-членка кон Македонија. Се надевам дека и во таа насока ќе продолжиме и во иднина и сигурен сум дека неговото присуство тука, и за време на нашата билатерална средба, а потоа и на работната вечера, ќе можеме да размениме повеќе идеи, да видиме дали и како може да се да се надмине пречката, изјави Мицкоски.
Многупати, псоочи премиерот, се кажани македонските позиции и „би било некултурно да се очекува да се промени ставот преку ноќ, бидејќи не се исполнети предусловите што ние очекуваме да бидат исполнети, а кои ги заслужуваме“.
-За жал, ова е резултат на една национално исплакната ненационална политика на една претходна влада која со своите авантуристички потези создаде состојба во која прво ги разочара своите граѓани, бидејќи граѓаните не сакаат да гледаат влада која, наместо да ги штити националните интереси, е главен промотор на мекотелните политики, посебно принципот на коленичење на меѓународна сцена и себепонижување. И второ, со таквите авантуристички политики дефинитивно го закочи процесот на отпочнување на преговори на нашата земја со ЕУ. Но, ние како Влада нема сега да очајуваме, тоа е што е, таа е ситуацијата, таа е реалноста. Ќе се обидеме да бараме решение кое нема да го допре достоинството на македонскиот народ и македонските граѓани, рече Мицкоски.
Не сме подготвени, подвлече премиерот, да влеземе во дополнителна авантура без да има јасно крај на овој процес.