Општина Карпош изрази сериозна загриженост поради зачестените случаи на вандализам и уништување на урбаната опрема и детските игралишта на нејзината територија.
Според општината, во изминатиот период евидентирани се бројни оштетувања на клупи, корпи за отпадоци, држачи за велосипеди, детски и спортски реквизити и друга урбана опрема.
„Последниот случај на кршење на канделабра, на највандалски начин, од страна на малолетни деца, дополнително ја отвора потребата од поголема грижа, одговорност и превенција. Покрај нанесената материјална штета, станува збор и за сериозно загрозување на безбедноста на граѓаните во јавниот простор“, соопштија од Општина Карпош.
Сите досега евидентирани случаи се пријавени во Полициската станица Карпош, од каде што ветиле засилено полициско присуство и активности за расчистување на инцидентите.
Општината упати апел до граѓаните совесно да се однесуваат кон јавниот имот и навремено да ги пријавуваат сите случаи на вандализам.
Повикуваат и родителите да покажат поголема информираност за движењето и однесувањето на своите деца и преку разговор да им укажат на значењето од зачувувањето на јавниот простор.
„Да го чуваме заедничкиот простор, затоа што јавниот имот е одговорност на сите нас“, порачуваат од Општина Карпош.