Али Ахмети им даде гума за џвакање на злите јазици што тврдат дека е при крај со претседателствувањето со ДУИ, навестувајќи дека можеби наскоро ќе се испроба и во улогата на партиски ветеран.
„Нема да останам засекогаш претседател на партијата. Сакам да им се приклучам на ветераните и да видам како ќе се борам како ветеран“, рекол вчера во својот говор на Изборното собрание на огранокот на ДУИ во Куманово лидерот на некогашните „зелени“, пренесуваат медиумите на албански јазик во државава.
Во контекст на ветераните, Ахмети го спомна некогашниот вицепремиер Садула Дураку, познат како „Командант Вентили“ поради затворањето на вентилот за водоснабдување во липковскиот регион во воената 2001 година, за кого рече дека ќе биде назначен во раководството на Комитетот на ветераните.