„Во петок и сабота се закажани средбите со коалициските партнери од Влен и ЗНАМ. Инаку, сега не сме пред избори, сега сме во втората половина од мандатот, имаме исклучително коректна и пријателска соработка со Влен. Очекувам во таа насока да продолжиме“, посочи Мицкоски. Тој укажа и на резултатите од претходните избори велејќи дека тие се показател за нивната стабилност на терен.
„По реализирањето на нашата соработка, по изборите во 2024 година, следеа локалните избори и тие убедливо победија во 10 општини во Македонија, така што не гледам пречка во овој момент нашата соработка да не продолжи“, истакна премиерот Мицкоски.
Тој и минатата недела најави дека овие денови ќе почнат разговорите со коалициските партнери со кои, како што рече, прво ќе треба да се види дали имаат поклопување на визиите. Билал Касами, еден од сопретседателите на Вреди, која е владин коалициски партнер, рече дека новоформираната партија е подготвена за ротација на ресори во владината реконструкција и оти за тоа го известиле премиерот. Касами рече дека владиното мнозинство е сериозно и нема некој сериозен проблем.