Пишува: Свето Тоевски

Ако би се реализирала визијата на Маѓар, која има уште поширок територијален опсег, тогаш би се создал своевиден „централноевропски блок“, кој би ги поврзал Балтикот, Централна Европа, Дунавскиот регион и Јадранот. Во таков формат би биле застапени повеќе од десет држави со значителна тежина во Советот на ЕУ и Европскиот парламент. Затоа некои аналитичари зборуваат за можност да се создаде нова „централноевропска оска“ во рамките на ЕУ. Таа би можела да претставува, условно кажано, и своевидна „македонска оска“ во рамки на ЕУ, ако македонското државно-политичко раководство и конкретно ѝ се приклучи на „Вишеградската група“ било како партнер, било како формална членка, а потоа со максимално засилени активности и во неа и во „централноевропската оска“, заради лобирање за македонската евроинтеграција и македонската вистина наспроти сите идентитетско-историски фалсификати и барања на Софија за менување на македонскиот устав.

Токму „Вишеградските држави“, заедно со Хрватска, Словенија и Романија, би можеле да станат едни од најсилните поддржувачи на македонската европска интеграција, да станат „чеканот“ во рацете на Македонија, со кој би можеле постапно да се „столчат“ бугарските уцени, условувања, вета и блокади. Но не само, софиските, туку и бриселските! Исто така, Македонија треба проактивно да воспостави „неформална коалиција“ и со суверенистичките струења во Париз, Берлин и Рим, напоредно задржувајќи ги и развивајќи ги политиките на соработка и со тамошните влади и владејачки коалиции, иако тие во рамки на ЕУ и натаму се на страната на Бугарија…
Кој може да даде гаранции дека „бугарскиот волк нема да го изеде македонското јагне“, ако би влегол во „бачилото“ – уставот“?!
Новиот бран на европскиот суверенизам (како десничарските и конзервативните групации во Европскиот парламент) отворено се залага за концепт на „Европа на суверени нации“, каде што секоја држава има апсолутно право на свое национално самоопределување и на свој идентитет – факти од клучно значење за Македонија. Затоа, наместо инфериорно коленичење и молење во Брисел и Софија за „гаранции дека бугарскиот волк нема да го изеде македонското јагне“ околу барањето „Бугари во Устав“, Македонија треба конечно да изврши своевиден „стратегиски маневар“ и „тивко“ да фати приклучок кон „Новата суверенистичка Европа“, која е во подем. Македонија може да најде значителни, или можеби и силни сојузници во структурите и елитите на суверенистичка Европа, кои веќе виреат и сѐ посилно тропаат на портите на владите и парламентите во Германија, Франција и Италија.

Треба да се остваруваат во почетокот неформални, но и сепак содржински контакти и лобирања кај италијанската партија „Лига“ и нејзиниот лидер Матео Салвини, сегашен и италијански вицепремиер и министер за инфраструктура, такви контакти и лобирања кај сега веќе водечката германска партија Алтернатива за Германија и двата нејзини лидера Алис Вајдел и Тино Хрупала, но и кај француската партија Национално собирање на Франција и двата лидера Жордан Бардела и Марин Лепен, од кои Бардела има сѐ поголеми шанси да стане идниот претседател на Франција на претседателските избори во 2027 година…
Преку овие дипломатски контакти и лобирања официјално Скопје може да постигне значително, или можеби и соодветно големо меѓународно разбирање и поддршка и во јавноста и на политичката сцена во тие три клучни европски метрополи за аргументот дека Бугарија со поддршка на Брисел ја принудува Македонија да изврши нов уставно-идентитетски „инженеринг“ спротивно на врховниот принцип на меѓународното право јус когенс, во чија срцевина е недозволивоста да се гиба во било чиј национален идентитет. Реформите мора да продолжат во Македонија, бидејќи тие се „јазикот“, на кој Брисел комуницира. Но, паралелното дипломатско поврзување со суверенистичките иницијативи во ЕУ е единствениот начин да се спречи евроинтеграцијата на Македонија да се претвори во нејзина нова идентитетска и историска капитулација. Заштитата на идентитетот, историјата, јазикот и суверенитетот во случајот на Македонија се бранат преку политички сојузи со оние сили, политичари и политички елити во Европа, кои веруваат во националната држава како врховен суверен и во правото на европските народи на сопствен идентитет, јазик и историја.
(продолжува)
(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои не одразуваат ставови на ниедна партија во Република Македонија, ниту на редакцијата на порталот „Експрес“)
(„Нова Македонија“