Ребалансот на буџетот оди на владина седница. Ќе има зголемување на буџетскиот дефицит, најави Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Потребата од ваква корекција, како што наведе таа, е поради зголемените потреби за финансирање на капиталните инвестиции. Според есапот на Министерството за финансии, економијата годинава треба да порасне за 3,5%, додека инфлацијата се проектира на 4,5%.
- „За првпат ќе имаме зголемување на буџетскиот дефицит како резултат на зголемени потреби за финансирање на капиталните расходи односно за капиталните инвестиции. Што мислам дека согласно законот за буџети нели ги оправдува состојбите“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Во однос на тоа колку чинеле мерките за намалување на ДДВ и акцизите што траеја во изминатиот период поради скапите горива, министерката рече дека акцизата треба да се коригира за околу 1,5 милијарди денари. Но, во моментов, вели, е тешко да се направат прецизни пресметки затоа што имало и индиректни ефекти.
- „Многу е тешко да се направат прецизни пресметки затоа што има и индиректни ефекти. Нашите пресметки покажаа дека некаде една и пол милијарда денари треба да ја корегираме акцизата. Но, мора да бидеме внимателни, затоа велам тешко е да се направат проекциите. Не заборавајте, во изминатиот период ја имавме најниската цена на нафтата во регионот. Се сеќавате дека редици автомобили со странски таблици точеа бензин во Македонија, што значи дека и покрај тој позитивен ефект намалуваме 1,5 милијарда. Кога не би било купувањето од странските лица сигурно негативниот ефект би бил поголем, односно тоа е она што Владата го даде како поддршка на граѓаните и стопанството, рече Димитриеска Кочоска, која е домаќин на Годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ (2026 Annual Meeting of the CEF Governing Board).
За подготовките за ребалансот на буџетот министерката за финансии информира на 11 мај, кога кажа дека ги започнала состаноците со ресорните министри. Прекројување на државната каса за 2026 година, меѓу другото, во најголем дел се должи на последиците што по глобалната економија го имаат случувањата на Блискиот Исток. Ребалансот, ќе биде подготвен согласно среднорочната фискална рамка и стратегиските приоритети на Владата – стабилни јавни финансии, фискална консолидација, инфраструктурен развој, енергетска транзиција и подобар животен стандард за граѓаните.