Пишува: Свето Тоевски

Денес кога Бугарите отвораат уште пожестоки расправи за самото постоење на македонскиот јазик и идентитет, ваквите дела имаат уште поголема важност, бидејќи претставуваат тестаментални завештанија до секое македонско поколение, па и денешното, дека не смее да се дозволи ниту да исчезне, ниту да им се „преотстапи“ на други овој дел на севкупната македонска национална меморија, да се прикажува како да е нивен, бугарски.
Зборникот на браќата Константин и Димитар Миладинов го има оригиналниот наслов „Бугарски народни песни“ („Бѫлгарски народни пѣсни“), но зошто?! Зошто се вметнати и бугарски песни?!
Ова било сторено по директно барање и интервенирање на на хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер, кој бил главен финансиер и мецена на изданието.
Браќата Миладиновци првично собрале македонски народни песни. Но, како поборник на јужнословенското заедништво (илиризам), Штросмаер сметал дека книгата ќе добие поголемо општествено и културно значење, ако вклучува творештво и од други источни и јужни Словени. Тој побарал во збирката да се додадат и песни од Бугарија, за да претставува делото „поширок регион“. Бидејќи Миладиновци немале сопствени записи од Бугарија, Константин Миладинов стапил во контакт со бугарскиот собирач Васил Чолаков, од кого биле откупени околу 100 бугарски песни. Од нив биле вметнати 76 бугарски песни, наспроти огромното мнозинство од 584 македонски песни. Овие новододадени песни биле повод за насловот на книгата да биде „Бугарски народни песни“, што се случило и поради влијанието на тогашните општествено-политички околности и логика во Австроунгарија.

Историчарот Харалампие Поленаковиќ изнесува научни аргументи дека Константин Миладинов и неколку негови блиски соработници ги опишувале песните, што ги подготвувал во Москва, како „македонски“, термин што го користеле и Рајко Жинзифов и рускиот научник Рачински. Во своето писмо до Георги Раковски од 8 јануари 1859 година Миладинов напишал на три места дека поседува „многу македонски песни“, кои имал намера да ги објави подоцна. „И ja имам многу Макед. песни, кои сакам да издадам.“ – навел Константин во ова писмо – документ, кој го урива и самиот наслов „Бугарски народни песни„“ и денешните бугарски фалсификати за. Толку од „бугарштината“ на Константин Миладинов и од „бугарскиот карактер“ на сите македонски народни песни, поместени во зборникот.

За народните умотворби и народни песни во „Зборникот на Миладиновци“ Томе Саздов, истражувач на македонското народно творештво и универзитетски професор по усна народна книжевност во Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, има напишано во еден свој научен труд: дека „со овие и сите други свои народни умотворби Македонците си го сочуваа низ темните ропски векови најдрагоцениот белег на својата народност — својот јазик.“

„Токму народните умотворби ги откриваат корењата на самобитното постоење на Македонците во минатото. Тие се вторитетен и меродавен документ на националната самобитност македонскиот народ пред асимилаторските апетити на сите негови поробувачи, и овие новите. Македонскиот народ во своето усно поетско творештво ги излеал своите богати творечки дарби,вградувајќи ги во нив чистотата и оригиналноста на својот мајчин македонски јазик. Македонското народно поетско творештво, пројавено во важниот период на нашата преродба, има несомнено фундаментално значење за националната и културната историја на Македонците: говори јасно за созреаното национално сознание на македонскиот народ и обилно го истакнува на показ богатството на нашиот македонски јазик јазик во времето кога печатеното негово претставување беше вистинска реткост.“ – има нагласено Томе Саздов.
(„Нова Македонија“)