Колумни

Лант, водечкиот светски македонист и автор на македонската граматика од 1952, ја „бетонира“ вистината за самобитноста на македонскиот јазик и народ!

Уште пред седум децении американскиот македонист Хорас Лант целосно ги поби сите негаторски тези дека некој го „измислил македонскиот јазик во 1944/1945 година“ по своја „милост“, како што „трубат“ Бугарите денес низ Европа. Во текот на својот научен престој во Македонија и врз основа на систематската анализа на фонологијата, морфологијата и синтаксата на македонскиот јазик Лант потоа ја пишува својата знаменита „Граматика на македонскиот книжевен јазик („A Grammar of the Macedonian Literary Language“), која е објавена во Скопје во 1952 година. Ова дело претставува прва целосна научна граматика на современиот македонски литературен јазик, напишана според западни лингвистички стандарди и наменета за меѓународната научна јавност. Оваа граматика го разгоре гневот на бугарските националисти, кои го сметаа македонскиот јазик како „западен дијалект на бугарскиот јазик“. Лант почина на 11 август 2010 година. Денешното навршување на 16-тата годишнина од неговата смрт е соодветна пригода за должно осврнување кон неговото македонистичко дело, кое е од исклучително значење за македонскиот народ.

Пишува: Свето Тоевски

„Македонскиот јазик има некои фонемски, морфолошки, или синтаксички особини, кои се единствени споредено со српскохрватскиот и бугарскиот јазик. Необичната комбинација на тие карактеристики покажува дека македонскиот јазик е јазичен систем, кој е различен од тие два јазика. Постои огромна литература, што се занимава со потеклото на македонските дијалекти и прашањето за нивниот однос со српскиот или со бугарскиот јазик. Поголемиот дел од оваа литература е полемичка и безнадежно пристрасна. Македонскиот, како и повеќето други литературни јазици, содржи елементи од неколку регионални дијалекти, но не е идентичен со ниту еден дијалект… Постои нешто што може да се идентификува како стандардна македонска литература.“ – констатира американскиот славист и македонист Хорас Лант во својата бележита „Граматика на македонскиот литературен јазик“, која ја напишал во 1952 година. 

Лант, остриот критичар на бугарските шовинистички и негаторски тези кон македонскиот јазик и блискиот пријател на многу Македонци, македонисти и на Македонија

Лант не само што воспоставил реска разлика меѓу македонскиот и бугарскиот јазик, туку во својата граматика пред 74 години посочил и на истражувањата на македонскиот јазик и неговите дијалекти во многуте векови на нивното постоење на целата македонска етнојазична територија. Хорас Лант е роден на 12 септември 1918 година. Тој е еден од водечките светски македонисти. Неговото македонистичко дело е од исклучително значење за македонскиот народ, бидејќи претставува меѓународно научно потврдување и „бетонирање“ на вистината за самобитноста на македонскиот јазик.

Уште пред седум децении Лант целосно ги побил сите негаторски тези дека македонскиот јазик некој по своја „милост“ го „измислил во 1944/1945 година“, како што тврдат денес особено бугарските политичари и лингвисти низ Европа. Во својата научна статија „Хорас Лант (1918–2010)“ професорката по дијалектологија д-р Убавка Гајдова има констатирано дека со својот живот и работа американскиот лингвист и славист Хорас Лант се искачи на врвот од македонската лингвистичка наука речиси уште во нејзиниот зародок. „Тој стана и остана докрај близок пријател на многумина Македонци, македонисти и на Македонија.“ – истакнува Гајдова, изнесувајќи низа важни факти за животот и научната дејност на Лант.

Во својот труд „За македонската националност“ од 1986 година Лант се осврнува на македонското прашање и нагласува: „Клучна контроверзија е постоењето индивидуална македонска националност со свој посебен јазик. Но, во реалниот свет говорителите самите одлучуваат кој јазик ќе го зборуваат, а лингвистите треба да ги почитуваат нивните одлуки. Јас ја прифаќам одлуката на говорителите на нивниот мајчин јазик, бидејќи верувам и во правото на нивното самоопределување.  Националноста и јазикот се субјективни, тие прашања се предмет на сопствен избор на поединците.“

Плодната соработка на Хорас Лант со Блаже Конески, Крум Тошев, Харалампие Поленаковиќ, Божидар Видоески и Рада Угринова

Лант студира германски и словенски јазици во Универзитетот Харвард (1937-1941) и во Универзитетот Калифорнија во Беркли (1941-1942). Како учесник во Втората светска војна во 1944 година служи во американско-британска единица во Бари, Италија. Тука имал можност да се среќава со бегалци од Југославија. Меѓу материјалите, што ги носеле со себе тие бегалци, имало и македонски весници и една од првите книшки, преведени од руски на новиот стандарден македонски јазик „Станавме други луѓе“ од Бенјамин Каверин.

Тоа е првиот непосреден допир на Лант со македонскиот јазик. Веќе во 1946 година Лант стапува во служба како асистент на Универзитетот во Беркли. Потоа заминува во Прага, во Карловиот универзитет, каде што во академската 1946-47 година професорот Антонин Фринта воведува во програмата прв курс за стандарден македонски јазик. Овој курс оставил значаен впечаток кај Лант. Во 1950 година Лант учествува на Семинарот за странски слависти, што во организација на Министерството за наука и култура на Југославија се одржал на Блед. Тука започнуваат неговите контакти со Блаже Конески, Крум Тошев и со Харалампие Поленаковиќ. Во 1951 година Лант престојува три месеци во Скопје.

Под раководство на Конески Лант има можности да го истражува македонскиот јазик. Во неговата работа од исклучителна помош му биле и Божидар Видоески и Рада Угринова, во тоа време, асистенти на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Универзитетот во Скопје. Веќе во учебната 1951-52 година, Лант ја пишува граматиката на македонскиот јазик, врши избор на текстови, што ќе бидат внесени како репрезентативни примери на македонскиот стандарден јазик и го составува речникот, кој е вклучен во истото издание.

Во 1952 година се отпечатува Лантовата „Граматика на македонскиот книжевен јазик“. „Овој труд е прв монографски опширен опис на македонскиот јазик од странски лингвист, но и прв сериозен македонско-англиски речник. Граматиката на македонскиот книжевен јазик од Лант, објавена на англиски јазик, станува двигател на интересот на странските слависти за македонскиот јазик, но и моќен амбасадор на македонската култура и литература во светски рамки. Зачетник е на македонистиката во Северна Америка. Македонската граматика на Лант е и денес е многу ценет и цитиран труд.“ – нагласува Убавка Гајдова.

 Македонскиот народ треба посоодветно да му се оддолжи на Хорас Лант

Хорас Лант е избран како прв од редот на академиците од надворешниот состав на МАНУ во 1969 година. За време на својот работен век тој беше професор во Харвардскиот универзитет и долгогодишен шеф на Катедрата за словенски јазици и литература. Тој е автор на серија статии за словенските јазици, меѓу кои и за македонскиот, во изданијата на енциклопедијата Британика. Лант објавил голем број научни трудови и студии за македонскиот јазик, меѓу кои позначајни се: „Преглед на Македонската литература“ – Харвардски славистички студии (1952), „Создавањето на стандардниот македонски јазик: некои факти и ставови“ (1959), „За губењето на деклинацијата во бугарскиот и македонскиот јазик“ (1965), „Некои социолингвистички аспекти на македонскиот и бугарскиот јазик“ (1986), „За македонската националност“ (1986) и „Времето и македонскиот јазик“ (1999).

Лант останува засекогаш запаметен со своето научно дело за македонскиот јазик во колективното паметење на македонскиот народ. Авторот на овие редови смета дека македонскиот народ и македонските државни и научни институции треба на Лант да му се оддолжат посоодветно поради неговиот драгоцен придонес кон афирмацијата и одбраната на македонскиот јазик, идентитет и култура. Дали би било можно некој од од главните амфитеатри во Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, или во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ да бидат именувани како „Хорас Лант“? Дали би било изводливо за Град Скопје и Општина Центар да постават во централното градско јадро спомен-обележје за овој научник, кој толку ги задолжи со своето дело Македонија и македонскиот народ, но и да се именува една улица со неговото име? 

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна лингвистичко-историска анализа, кои немаат никаква поврзаност со која било политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

Најнови вести од: Колумни

„Непостојниот“ македонски јазик и идентитет во концепцијата на Антоан Меје за „новата Европа“ – 26 години пред АСНОМ и кодификацијата (2)

Од денешна перспектива, придонесот на Меје може да се оцени на неколку нивоа. На балканско ниво неговото дело претставува аргументиран научен отпор кон обидите македонските говори целосно да се подведат под српскиот, или бугарскиот јазичен концепт. На европско ниво неговото значење произлегува од фактот што оваа анализа ја објавува еден од најугледните европски лингвисти, во Париз, во дело посветено на јазичната карта на Европа. Македонија  и македонскиот јазик на тој начин стануваат предмет на разгледување во една поширока европска научна дискусија за јазиците, нациите и државите.

Придонесот на Антоан Меје за светското признавање и афирмација на македонскиот јазик како белег на македонскиот идентитет уште пред 108 години!

„Дијалектите на Македонија се дел од јужнословенската група. Заправо тие не се ниту српски, ниту бугарски, особено ако се мисли на пишаниот бугарски јазик, кој се засновува врз дијалекти, доста оддалечени од македонските дијалекти.“ – нагласил Антоан Меје во својата знаменита научна студија „Јазиците во Нова Европа“, објавена во Париз во 1918 година. „Дијалекти на Македонија“ и „македонски дијалекти“ вели овој јазичар 26 години пред да биде македонскиот јазик „измислен од Тито и искован врз основа на бугарски корени“. Денес се навршуваат 160 години од раѓањето на овој врвен европски и светски јазичар. Ова е соодветен повод за ново навраќање кон неговиот научен придонес кон одбраната и афирмацијата на македонската јазична и идентитетска самобитност на европскиот континент и во светски рамки.

Делото на Видоески наспрема „Бугарскиот договор“: дали е време во 2026 Македонија да постапи како Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949?! (2)

Грандиозното научно дело на дијалектологот Божидар Видоески не само што ги урива сегашните бугарско-грчки фалсификати и оспорувања на македонскиот јазично-идентитетски комплекс, туку и отвора сериозен простор за дилема: дали нема, или можеби и има право Република Македонија, согласно и со меѓународното право и неговиот врховен принцип „јус когенс“ да постапи денес со „Бугарскиот договор“ еднакво како што постапи Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949 година – како Бугарија согласно со нејзините „бугарски државни и национални интереси’, така и Македонија согласно со своите државно-национални интереси?! Зашто, великанот на македонската дијалектологија аргументирано докажа дека македонскиот јазик е столб на македонскиот идентитет и сиот свој живот го бранеше тој идентитетски столб, кој е денес загрозен со бугарските евроинтеграциски уцени и ултиматуми.

Студиите на Божидар Видоески ги кршат на парчиња грчко-бугарските шовинистички негирања на македонските дијалекти во Егејска и Пиринска Македонија (1)

Со своето големо научно дело за македонската дијалектологија професорот и академик Божидар Видоески му изгради траен паметник на македонскиот народ за неговиот мајчин македонски јазик и неговите дијалекти, на македонскиот идентитет. Зашто во дијалектите на македонскиот јазик се вградени сета негова историја, сето зборовно богатство, културата, обичаите, народните традиции, песните. Вчера, на 8 ноември 2026 година, се навршија 106 години од раѓањето на Видоески, основоположникот на современата македонска дијалектологија. Тој остави зад себе остави огромно дело од повеќе од 300 библиографски единици – дијалектолошки студии, монографии, статии, документи и др., објавувани во домашни и видни странски списанија и зборници. Истражувањата и студиите на овој македонист, славист и дијалектолог жестоко ги побиваат сите антимакедонски и ненаучни фалсификати и оспорувања на македонскиот народ, јазик и идентитет, кои се вградени во „Договорот за добрососедство“ со Бугарија, односно „Бугарскиот договор“, како и во „Преспанскиот договор“.

Наде Проева – жестокиот научен борец против обидите на Грците и Бугарите да им го одземат Македонското сонце-македонскиот идентитет на Македонците!

Во ерата кога историјата повторно се користи како геополитичко оружје, а македонскиот национален, јазичен и културен идентитет е подложен на координиран оспорувачки притисок од соседите, научната оставнина на проф. д-р Наде Проева (1949–2024) светли како незгаслив светилник на македонската вистина ширум Балканот и Европа. Како еден од најголемите македонски експерти за историјата на Античка Македонија со меѓународен углед, Проева во своето капитално дело „Триптих за македонскиот идентитет“ изнесува сериозна, научно втемелена и методолошки беспрекорна одбрана на македонската посебност. На 6 номври 2026 се навршуваат две години од нејзината смрт. Ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон научното творештво на оваа голема македонска научничка, која на „добрите балкански соседи“ и на политичка Европа со силата на научните аргументи им покажа и им докажа дека никој нема право да му ги оспорува на македонскиот народ неговото исконско, древно македонско национално самосознание и идентитет во име на некакви „повисоки геополитички цели“. Проева остави траен и нескршлив научен аргумент во рацете на идните поколенија за одбрана на правото на македонскиот народ да биде она што е – македонски, свој на своето, на македонското.

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

To top