-Со формирањето на овој специјализиран тим, борбата против недозволената трговија со дрога влегува во нова, поенергична и поодлучна фаза. Преку системски, координиран и професионален пристап, во функција се ставаат сите расположливи човечки, оперативни и технички капацитети на полицијата, со единствена цел – бескомпромисна пресметка со оваа форма на криминал. Недозволената трговија со дрога претставува една од најсериозните закани за општеството, која не ги загрозува само поединците, туку и семејствата, заедниците и иднината на младите генерации, велат од МВР.

Со овој модел на работа, надлежните служби ќе дејствуваат обединето, координирано и одлучно против секој поединец и секоја криминална група што го загрозува здравјето, безбедноста и иднината на граѓаните.
Бирото за јавна безбедност ги повикува сите граѓани да бидат партнери во оваа борба, нагласувајќи дека секоја информација, сознание, или пријава може да придонесе за спречувањето на ширењето на овој вид криминал и за создавањето побезбедна иднина.