„Буџетската математика покажува дека Брисел најпрво се обидува да ја спаси сопствената каса, а дури потоа да размислува за нови членки (2)
Европската Унија повторно се соочува со својата најголема слабост, а тоа очигледно не е недостигот од воени амбиции, туку – недостигот од пари. Додека официјален Брисел зборува за геополитичко проширување, за прием на нови држави и за „обединета Европа“, зад затворени врати веќе неколку месеци се води многу потешка битка, имено кој ќе ја плаќа сметката за Унијата во следните седум години“ анализира весникот Нова Македонија.
Преговорите за новата повеќегодишна финансиска рамка (2028–2034), вредна околу два билиона евра (еден билион е еднаков на илјада милијарди – н.з.), покажуваат дека Европа денес нема проблем само како да троши повеќе, туку пред сè како воопшто да обезбеди доволно приходи за сопственото функционирање.
Во таа насока, иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за воведување нови европски даноци не е израз на европски федерализам, туку признание дека сегашниот финансиски модел веќе не може да ги покрие растечките потреби на Унијата.
Исказот „сопствените ресурси не стасуваат“ е признание дека сегашниот систем не функционира
Европската комисија веќе неколку години инсистира на создавање нови „сопствени ресурси“. Во превод, Брисел сака дел од приходите да не зависи од националните буџети, туку директно да се собираат преку европски механизми, односно приходи од системот за тргување со емисии, јаглеродниот механизам на граница, давачки за електронски отпад, тутунски акцизи, па дури и даноци врз големите дигитални компании. Познавачите на процедурите во ЕУ токму овде го лоцираат и колосалниот процедурален, но и суштински, политички проблем за Унијата.
– Токму тука започнува најголемиот политички судир. Секоја предложена нова давачка погодува различни национални интереси. Една земја не сака да страда нејзината индустрија. Друга не сака дополнително да се оданочуваат нејзините компании. Трета стравува од намалување на конкурентноста. А бидејќи за новите сопствени ресурси е потребна едногласност на сите 27 членки, секоја влада практично има право на вето. Затоа и покрај многубројните предлози, договорот со години се одложува – тврдат нашите соговорници“ стои во анализата на весникот.
Линк до целата анализа на Нова Македонија.