Македонската кошаркарска репрезентација забележа убедлива победа попладнево на гостувањето во Виена, против Австрија.
Натпреварот од втората рунда од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 година заврши со резултат 91:59.
„Црвено-жолтите“ одиграа одличен натпревар и веќе по првата четвртина имаа двоцифрено водство (30:14). На полувреме се отиде со 49:30, а по третиот период беше 65:44.
Во победничката репрезентација се истакнаа Ненад Димитријевиќ со 15 поени, 14 скока и 10 асистенции, Ефремовски реализираше 17 поени, додека Мозес Рајт натпреварот го заврши со 12 поени и 9 скока, на чекор до дабл-дабл учинок. Мекиќ заврши исто така со 12 поени.
Следниот натпревар во претквалификациската група „Ф“ македонската репрезентација ќе го одигра на 26 ноември, кога на домашен терен ќе ја пречека селекцијата на Кипар.
Кипарците, исто така, со победа ја започнаа оваа фаза од претквалификациите, откако во првиот натпревар беа подобри од Австрија.