Македонија

Монтеро во „Ел Паис“ за Сиљановска-Давкова: Светот ќе го спасат добрите политичари што ја негуваат поезијата во срцето

Објавата во највлијателниот шпански весник ја пренесува приказната за Македонија за македонскиот поетски фестивал и за културната дипломатија директно до широката шпанска и меѓународна публика

Во колумна објавена во највлијателниот шпански весник Ел Паис, директорот на Институтот „Сервантес“ и истакнат поет Луис Гарсија Монтеро ги споделува впечатоците од својата средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и ја потенцира „поетиката на мирот“ како важен мост меѓу културите и политиката.

Монтеро во текстот прави паралела помеѓу политичката наелектризираност и фудбалските натпревари полни со груба игра, нагласувајќи дека во најконфликтните ситуации треба да се почитуваат противникот, правилата на играта и меѓународната праведност.

Тој од повеќето средби во Македонија посебно ја истакнува средбата со претседателката, при што наведува дека кога Сиљановска-Давкова го споменала цитатот на поетот Жан-Пјер Симеон – „само поетите можат да го спасат светот“, тој самиот направил мала исправка:

„Не поетите; светот ќе го спасат добрите политичари што ја негуваат поезијата во своето срце – односно, демократските вредности, мирот и човековите права“, напишал Монтеро во „Ел Паис“.

Претседателката Сиљановска-Давкова на тоа му одговорила: „Така е, како и претседателот на Владата на вашата земја“.

Со топол тон, Монтеро ја завршува колумната изразувајќи благодарност кон претседателката и желба „да ја упати топката“ во име на поетиката на мирот.

Колумната доаѓа непосредно по средбата што претседателката Сиљановска-Давкова, како покровителка на „Струшките вечери на поезијата“, ја имаше со Гарсија Монтеро.

На средбата било истакнато дека шпанската поезија има посебно место во историјата на фестивалот – од учеството на Рафаел Алберти во 1978 година, до стиховите на лауреатот Хусто Хорхе Падрон посветени на Струга.

Претседателката ја подвлекла важната улога на Институтот „Сервантес“ во промоцијата на шпанскиот јазик и култура, додека Монтеро информирал за потпишаниот Меморандум за соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Двајцата соговорници се согласиле дека отворањето на Институт „Сервантес“ во Скопје значително ќе ги продлабочи културните врски меѓу двете земји.

Објавата во „Ел Паис“ ја носи приказната за македонскиот поетски фестивал и за културната дипломатија директно до широката шпанска и меѓународна публика.

Најнови вести од: Македонија

Професорката која зема мито од студент доби забрана за работа

Во реакцијата на Универзитетот “Гоце Делчев“ од Штип, се наведува дека во академската заедница нема место за лица што ја злоупотребуваат својата позиција, го нарушуваат интегритетот на образованието и ја изневеруваат довербата што им е дадена

To top