Македонија

Еврокомесарката Марта Кос во официјална посета на Скопје

Разговори за напредокот на Македонија кон ЕУ

Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска престојува во официјална посета на Скопје, каде со државниот врв ќе разговара за напредокот на Северна Македонија на патот кон Европската Унија и за спроведувањето на реформската агенда во рамките на Планот за раст за Западен Балкан.

Во рамки на посетата, Кос ќе има средба со премиерот Христијан Мицкоски. Предвидени се тет-а-тет разговори, по што ќе следува заедничка средба со владина делегација. По состаноците, премиерот и еврокомесарката ќе одржат заедничка прес-конференција.

На агендата на Кос се и средби со вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали, како и со претседателот на Собранието Африм Гаши.

Во текот на денот, еврокомесарката ќе го посети студентскиот дом „Стив Наумов“, кој е реконструиран со финансиска поддршка од Европската Унија. Таа ќе разговара и со претставници на младински организации за можностите што младите ги имаат преку европските програми, меѓу кои „Еразмус+“ и „Хоризонт Европа“. Предвидена е и средба со претставници на граѓанскиот сектор и медиумите, посветена на реформите поврзани со владеењето на правото и европската агенда.

Северна Македонија досега доби 142,1 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст, како резултат на досегашниот напредок во спроведувањето на реформските обврски.

Во интервју за МИА, Кос оцени дека земјава покажала дека може да испорачува резултати кога постои политичка волја.

„Ова јасно го гледаме во нејзините силни перформанси во рамките на реформската агенда. Ќе дојдам во Скопје за да ја охрабрам Владата да го стори истото тоа и во преговорите за пристапување. Сега имаме можност која се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето“, рече Кос.

Таа додаде дека напредокот во пристапните преговори зависи од довербата меѓу земјите кандидати и земјите членки на Европската Унија, а дека таквата доверба се гради врз исполнување на обврските и добрососедски односи.

Најнови вести од: Македонија

Клековски: Западнонилската треска стивнува, на Клиниката за инфективни болести сe згрижени шест пациенти

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека епидемијата на западнонилската треска стивнува, за што говорат податоците дека во последните две седмици има по два нови случаја, а и на Клиниката за инфективни болести моментно се згрижени шест пациенти, од кои само двајца се во потешка состојба.

Мицкоски: Колку и да сакаат да го оцрнат работењето на оваа Влада, денес многу подобро се живее отколку пред 3 години!

„Пред 25-26 месеци наследивме  уништени институции, ограбена економија, клекната на колена држава, разочарани и демотивирани граѓани. И сега,  колку и да сакаат да го оцрнат тоа што денеска оваа Влада го работи, ќе мора сите да се согласиме дека денеска многу подобро се живее од тоа што беше пред три години.“ – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи  на новинарско прашање во врска со забелешките на опозицијата околу порастот на бруто-домашниот производ.

„Babuna Red 2023“ на „Тиквеш“ го освои Лондон: Престижен трофеј за најдобро црвено вино од Македонија

На свечениот настан за доделување на наградите освоени на годинешниот International Wine Challenge (IWC), што се одржа на 8. септември во Лондон, трофејот за „Babuna Red 2023“ за најдобро црвено вино од Македонија, му беше врачен на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски. Со оваа награда, „Babuna Red 2023“ се вбројува меѓу вината што оставија најсилен впечаток на едно од највлијателните и најценети светски вински натпреварувања, потврдувајќи го квалитетот, автентичноста и меѓународниот потенцијал на македонското вино. Ова престижно признание има и дополнителна тежина бидејќи „Babuna Red 2023“ на истиот натпревар освои и златен медал со високи 95 поени, издвојувајќи се меѓу најдобро оценетите вина во својата категорија.

To top