Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, го оцени Самитот на НАТО во Анкара како историски, истакнувајќи дека на него земјите членки донеле значајни одлуки кои ќе ја зајакнат Алијансата и во сегашниот период и во иднина.
Во објава на социјалните мрежи, Муцунски ја пренесе јасната порака од Самитот:
„Пораката јасна: НАТО испорачува резултати. Ја потврдивме заедничката определба за поголеми инвестиции во одбраната, понатамошно јакнење на одбранбените капацитети, поправедна распределба на одговорностите меѓу сојузниците и континуирана поддршка за Украина“.
Тој додаде дека како посветен и кредибилен сојузник, Македонија продолжува активно да придонесува кон зајакнувањето на колективната безбедност, стабилноста и единството на Алијансата.
Муцунски, кој заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски ја сочинува македонската делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Самитот остварил повеќе билатерални средби. Тој се сретнал со колеги од земјите членки на НАТО, како и со високи претставници на сојузнички и партнерски земји, со кои разговарал за билатералните односи, соработката во рамките на Алијансата и актуелните регионални и глобални безбедносни предизвици.
На заедничката прес-конференција со претседателката Сиљановска-Давкова и министерот Мисајловски, Муцунски информираше дека учествувал на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од НАТО и потписничките на Истанбулската конвенција, како и на проширениот состанок со Украина, на кој присуствувала и високата претставничка на ЕУ, Каја Калас. Тој имал средба и со холандскиот министер за надворешни работи Том Берендсен, со кого разговарал за билатералните односи, соработката во НАТО и европската интеграција.
„Исто така издвоивме време да зборуваме и за некои инвестициски проекти за кои веќе двете држави дискутираат. Се надеваме дека во скорешен период ќе можеме да ги претставиме и пред јавноста“, изјави Муцунски.
Самитот во Анкара се оценува како значаен чекор кон понатамошно зајакнување на трансатлантското единство во услови на сложени геополитички предизвици.