Свет

Бугарската „Кралица на трепките“ и нејзиниот соработник пуштени на слобода по затворските казни за шпионажа за Русија

Британските медиуми наведуваат дека двајцата биле ослободени согласно законските правила, по издржување на задолжителниот дел од казната, по што веднаш биле депортирани од Обединетото Кралство.

Двајца бугарски државјани, Вања Габерова и Иван Стојанов, кои беа осудени во Велика Британија за шпионажа во корист на Русија, се ослободени од затвор и депортирани, објавија британските медиуми.

Според информациите, тие биле пуштени на слобода откако ја издржале задолжителната половина од затворските казни. Габерова беше осудена на шест години затвор, а Стојанов на пет години и три недели.

На нивното ослободување реагираше истражувачкиот новинар Христо Грозев, кој беше една од целите на шпионската група.

„Двајца од шпионите кои минатата година добија затворски казни во Велика Британија за шпионирање против мене и Роман Доброхотов, како и за заговор за наше киднапирање или убиство, беа ослободени откако ја издржаа задолжителната половина од казната. Жал ми е што никој не се потруди да ги извести жртвите“, изјави Грозев за британскиот весник „Експрес“.

Вања Габерова во Велика Британија беше позната како „кралица на трепките“, прекар што го доби по победата на натпревар во индустријата за убавина во 2019 година.

Таа и Стојанов беа дел од група од шест бугарски државјани кои беа осудени на вкупно 50 години затвор поради шпионажа во корист на Русија. Според британското обвинителство, групата, предводена од австрискиот државјанин Јан Марсалек, спроведувала операции за следење на новинари, руски дисиденти, политички личности и украински војници низ Европа.

Британските медиуми наведуваат дека двајцата биле ослободени согласно законските правила, по издржување на задолжителниот дел од казната, по што веднаш биле депортирани од Обединетото Кралство.

Најнови вести од: Свет

To top