Македонија

Шестотини тони мазут недостигаат од државните резерви

Државниот завод за ревизија утврди сериозни пропусти во работењето на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви, меѓу кои и тоа што Министерството за одбрана повеќе од осум години не го вратило заемот од 600 тони мазут, со што се намалени државните резерви на овој стратегиски енергент.

Според ревизорскиот извештај, Агенцијата не доставила предлог-одлуки за количината и структурата на задолжителните нафтени резерви до надлежното министерство за 2022, 2023, 2024 и 2025 година, поради што Владата не ги донела потребните одлуки. Ревизорите дале мислење без резерва за финансиските извештаи за 2024 година, но мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

Во извештајот се наведува дека во 2017 година, со владина одлука, тогашната Дирекција за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати му позајмила на Министерството за одбрана 600.000 килограми мазут за непречено функционирање на Армијата, со обврска количините да бидат вратени до крајот на истата година. Сепак, мазутот не е вратен ниту во текот на 2025 година, поради што Агенцијата евидентира побарување од Министерството во износ од 16,7 милиони денари, односно околу 271.000 евра.

Ревизорите посочуваат дека и покрај обидите на Агенцијата низ годините да се реши проблемот, позајмените количини сè уште не се вратени. Поради тоа препорачуваат Владата, Министерството за одбрана и Агенцијата да преземат мерки за надминување на состојбата и обезбедување на потребното ниво на државните резерви.

Во ревизијата се констатирани и неправилности при исплатата на плати и прекувремена работа. Евиденцијата за прекувремените часови не е целосна за сите вработени, а платите и надоместоците биле исплаќани врз основа на бодови повисоки од оние утврдени со Законот за административни службеници.

Најнови вести од: Македонија

Над 1000 повици за паднати дрвја и летнати кровови пријавени во ЦУК по невремето во Скопје

Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи

„Визер“ ја крева Македонија повисоко на европското небо, додаде уште еден авион

Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата.

To top