Македонија

Кумата на Боки-13 е избрана за нов судија во Уставен суд

Дика Георгиевска во јавноста е позната и како кума на осудениот Бојан Јовановски – Боки 13.

Собранието денеска ја избра Мери Дика Георгиевска за судија на Уставниот суд, откако предлогот доби поддршка од 64 пратеници.

Одлуката ја соопшти претседателот на Собранието Африм Гаши по спроведеното гласање.

„Судија на Уставен суд се избира со мнозинство гласови. Предлогот Мери Дика Георгиевска да биде избрана за судија на Уставниот суд го ставам на гласање. 64 гласа за, нема воздржани ниту против. Дика Георгиевска е избрана за судија на Уставниот суд“, рече Гаши.

По изборот, Мери Дика Георгиевска даде свечена заклетва пред пратениците во Собранието, со што официјално ја презеде функцијата судија на Уставниот суд.

Мери Дика Георгиевска е дипломиран правник на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирала во 1985 година, а магистерските студии по правни науки ги завршила на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје во 2014 година. Правосудниот испит го положила во 1987 година.

Кариерата ја започнала како адвокатски приправник и стручен соработник, а потоа работела како адвокат во сопствена канцеларија. Од 1996 до 2005 година била судија во Основниот суд Скопје II, а потоа продолжила како судија во Апелациониот суд Скопје. Од 2012 до 2018 година била член на Судскиот совет, по што се вратила во Апелациониот суд. Во 2023 година била избрана за претседател на Апелациониот суд Скопје.

Во својата кариера била претседател на стопанските оддели во Основниот и во Апелациониот суд, а говори и англиски јазик.

Дика Георгиевска во јавноста е позната и како кума на осудениот Бојан Јовановски – Боки 13. Таа сведочеше во предметот „Рекет“, а медиумите претходно објавуваа детали за нејзината блиска врска со Јовановски, вклучително и заеднички патувања.

Најнови вести од: Македонија

Директорот на Историскиот музеј во Крушево Миха Оџаклиески поднесе оставка по реакциите за „Секси мама“ во „Македониумот“,

Оџаклиески ја опиша својата одлука како личен, морален и етички чин, со кој, како што наведува, презема одговорност кон институцијата и јавноста. Оставката доаѓа по реакциите за снимањето на спотот на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на „Македониумот“, кој е заштитено културно наследство.

Проверете си ги радијаторите!

Од Регулаторната комисија упатија апел до сите заедници на станари навреме да ги проверат внатрешните инсталации во објектите и да ги подмират евентуалните заостанати сметки за електрична енергија за топлинските потстаници, со цел старт на грејната сезона без неочекувани прекини и проблеми

Политико: ЕУ ќе им понуди пристап до единствениот пазар на земјите-кандидатки

Економските придобивки би биле условени и можат да се одземат ако земјите-нечленки се откажат од демократијата или споделуваат чувствителна технологија со непријателски настроени влади, се вели во планот

Професионалните возачи не се туристи!

Дури 77,5 отсто од нашиот извоз оди директно во ЕУ. Нелогично е возачите што ја опслужуваат европската индустрија да подлежат на истите шенгенски ограничувања од 90 дена како и туристите“, вели Даниел Матракоски, координатор за меѓународна соработка во Комората

To top