Пишува: Свето Тоевски
Во споменатото интервју за белградска „Дуга“ Апостолски ќе додаде: „Во времето на Информбирото бугарското раководство лансираше теорија дека Македонија треба да се присоедини кон Пиринска Македонија! Тоа е правна бесмислица без преседан. Пиринска Македонија не е ниту автономна област, а Македонија е конституирана како држава на македонскиот народ. Постепено оваа линија преминува во целосна агресија. Од една страна, бугарското раководство изразува агресивни намери, без оглед кога и како мисли да ги оствари. Од друга страна се повикува на соработка, за мир на Балканот. Но како може да се зборува за мир на Балканот кога се негираат народи, кои се конституирале и кои со векови воделе борба за сопствена национална еманципација?!“

Михајло Апостолски (Ново Село, Штипско, 8 ноември 1906 – Дојран, 7 август 1987) е македонски партизан, генерал, командант на НОВ и ПОМ, воен теоретичар, политичар, историчар и народен херој. Уште како дете ги доживувал револуционерните вриежи настанати по Илинденското востание и премрежијата по Балканските војни и Првата светска војна. Искуствата, за кои главно слушал во своето семејство од дедото Апостол, оставале кај него силен впечаток и биле главната причина да ја засака историјата, а таа силно влијаела да се определи за воените науки. Историјата и воените науки ќе му бидат во текот на целиот живот основен мотив на неговото живеење и творештво.
Од предвоен потпоручник во Белград до генерал и командант на македонската народноослободителна војска во Втората светска војна
На 1 април 1927 година ја завршил Нижата школа на Воената академија во Белград и станал пешадиски потпоручник. На 7 ноември 1933 година ја завршил Вишата школа на Воената академија. На служба во Генералштабот на Дравската дивизиска област во Љубљана се задржал до почетокот на Априлската војна во 1941 година. Втората светска војна го затекнала во чинот генералштабен мајор на служба во Љубљана, на должноста началник на штаб на дивизија. Во септември 1941 година се поврзува со народноослободителното движење во Македонија, окупирана од бугарска фашистичка чизма. Од јуни 1942 година е назначен како командант на Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. На Второто заседание на АВНОЈ бил избран за член на Претседателството на АВНОЈ.
Од февруари 1944 година покрај 33 македонски оперативни бригади, под команда на Апостолски се наоѓаат и бригади од Косово и од јужна Србија. Член е на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Учествува на Првото заседание на АСНОМ и е избран во неговиот Президиум.

Во февруари 1945 година бил назначен како началник на Генералштабoт на Југословенската армија. Меѓу 1946 и 1952 година бил командант на сараевската воена област и началник на високата воената академија на ЈНА. Се пензионирал со чин генералполковник. На 11 октомври 1953 година бил одликуван со орденот Народен херој.
„Бугарите со години ја играат империјалистичката игра за Санстефанска Бугарија, за присвојување на Македонија и нивна доминација на Балканот“
Во интервју во октомври 1982 година за тогашното престижно југословенско списание „Интервју“ од Белград, Апостолски се осврнува и на бугарската шовинистичка политика. На прашањето што мисли, како огорчен противник на бугарското фалсификување на македонската историја, во врска со претставувањето многу македонски револуционери како Бугари, Михајло Апостолски ќе одговори: „Бугарите веќе со години ја играат оваа историска претстава по империјалистички рецепт, само во различни сценски облици и со различни актери. Тие не може да се ослободат од фикс идеите за Санстефанска Бугарија, идеите за нивна доминација на Балканот. Не може да го оправдаме фактот дека доста долго сме молчеле. Некое време им се сугерираше и на историчарите да не пишуваат за бугарското фалсификување на историјата и присвојување на Македонија и Македонците. Но со молчење и попуштање нема да го решиме овој проблем со бугарското раководство. Тоа ќе го направиме само ако се погледнеме право во очи и отворено разговараме. Во Втората светска војна бугарските агресори им нанесоа многу зла на Македонците. Мора да се објасни настанувањето на бугарските злосторства.“
Во ова интервју Апостолски потсетува на писмото, кое го упатил Георги Димитров на 28 септември 1944 год до централниот комитет на Бугарската работничка партија (комунисти), во кое, меѓу другото, Димитров изнесува: „Еден од најважните корени на сите национални несреќи и катастрофи што го снашле бугарскиот народ во текот на последните децении лежат во великобугарскиот шовинизам, во великобугарската идеологија и политика на хегемонија на Балканот и владеење над соседните народи. Без безмилосно уништување на великобугарскиот шовинизам – таа рак-рана врз живото тело на нашата земја, не може да се создаде препородена нова Бугарија.’’

„Веднаш да ѝ наредите на војската да се сврти налево круг и назад да си одите, не ни требате!“

Во своите сеќавања и сведоштва сведоштвата за завршните операции за ослободување на Македонија и обидите на поранешниот бугарски фашистички окупатор да се прикаже како победник, генералот Михајло Апостолски наведува дека на бугарските воени претставници енергично им порачал да се вратат назад, бидејќи не им се воопшто потребни на македонските партизани. Овој настан се случил во околината на реката Пчиња, каде што Апостолски го пресретнал командантот на бугарската Петта дивизија и му се обратил отсечно: „Знаеш ли дека ова не е царска Бугарија? Знаеш ли ти, генерале, дека се наоѓаш во Југославија? Знаеш ли ти дека војуваме против вас четири години? […] Се влечете како мршојади по нас и јавувате по радио како ја ’ослободувате Македонија‘! Каде испукавте вие куршум за ослободување на Велес и на Скопје?! Веднаш да ѝ наредите на војската да се сврти на лево круг и да се вратите назад, нам не ни сте потребни!“

Револтиран од пропагандата на Радио Софија, кое лажно известувало дека бугарските војски ги ослободиле Велес и Штип (иако воопшто не учествувале во борбите или биле со километри подалеку), Апостолски го изразил својот гнев со и им издал директна наредба и забрана на Бугарите натаму да не се движат кон внатрешноста на Македонија. Нагласувајќи дека немаат никакви заслуги за ослободувањето на главниот град на Македонија, македонскиот воен командант Апостолски им кажал енергично на бугарските офицери: „Скопје е веќе ослободено!“ Ги спречил нивните намери бугарската војска по завршувањето на битките за ослободувањето на Скопје во него да одржи воена парада и да дефилира како „победници“.

По престанувањето на неговата активна воена служба Михајло Апостолски започнал засилено да се занимава со историја. Од 1965 до 1970 година бил директор на Институтот за национална историја. Во својата научна работа напишал повеќе дела. Ја објавил првата Историја на ослободителната војна на македонскиот народ 1941-1945, издадена во Скопје, 1967 година. Од 1976 година до 1983 година бил претседател на МАНУ. Добитник е и на наградата АВНОЈ во 1978 година – највисоката награда која ја доделувала СФРЈ, како и многу други награди и општествени признанија. Денес Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје и орденот „Михајло Апостолски“ го носат неговото име.