На 7 август, денот кога во 1987 година почна „Вевчанскиот бунт“, на кој југословенскиот комунистички режим му испрати специјалци со електрични пендреци, а во чест на јубилејот од добиениот статус на единица на локална самоуправа, се одржа свечена академија со наслов „30 години Општина Вевчани“, јави Охриднет.мк.
На церемонијата се обрати и претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова.

„За мене, Вевчани е синоним за Република, место со сопствен дух, карактер и традиција. Напати велам дека имам двојно државјанство, не само македонско, туку и вевчанско, а вевчанскиот пасош сè уште го чувам, небаре горда вевчанка.

Како членка на Вевчанската академија за убави уметности, уште во деведесеттите години говорев, пишував и аргументирав дека Вевчани има право да биде самостојна општина, убедена дека неговата историска, културна и општествена особеност заслужува институционално признание и почит.

Има ли нешто поважно од тоа да се зачува место што е синоним за Виа Игнација, за бунтовност, за отпор, за себепочит и за немирен дух којшто создава, критикува и опстојува, пренесувајќи ги тие вредности од генерација на генерација?
Изразувам искрена благодарност до сите вевчанци кои вградиле дел од себе во развојот на општината. Честитки, со искрени желби Вевчани и понатаму да остане оригинално, оригинерно и автентично“, порача претседателката Сиљановска-Давкова на свечената академија.

Свечената академија беше збогатена со изложба на вевчански уметници и настап на оперската певица Шутиновска која е по потекло од Вевчани.

Во продолжение следуваше прекрасната сага што ја изведоа водителите на настанот, по повод 43 години од денот кога светот се вознемири од познатите настани во Вевчани:
„Постојат места кои се паметат по својата убавина. Постојат места кои се препознаваат по својата историја. Постојат места кои светот ги знае по своите знаменитости. Но постојат и места што не се препознаваат само по тоа што може да се види во нив, туку и по тоа што може да се почувствува. Духот, карактерот, истрајноста, слободарската мисла.

Такво место е нашето Вевчани.
Вевчани не е само точка на картата. Тоа е приказна што трае со векови. Приказна што ја раскажуваат неговите извори. Приказна што ја чуваат камењата во старите куќи. Приказна што ја продолжуваат генерациите кои знаат дека минатото не е товар, туку темел врз кој се гради иднината.
Овде природата и човекот отсекогаш живееле заедно. Овде водата не е само извор на живот. Таа е симбол на истрајност, чистота, постојаност и надеж. Како што не престануваат да течат Вевчанските Извори, така никогаш не престанува да живее ниту духот на Вевчани.

Оваа година сме собрани во рамките на манифестацијата „Вевчанско лето 2026“, за заеднички да одбележиме значаен јубилеј – триесет години од формирањето на Општина Вевчани. Три децении исполнети со работа, визија, предизвици и успеси. Исполнети со одлуки што го обликуваа современото Вевчани.

Иако оваа вечер, како и останатите денови од „Вевчанско лето 2026“, е дел од прославата на три децении од постоењето на Општина Вевчани како институција, сепак за сите нас, вевчанци, овој ден носи многу подлабока симболика.
Денес е 7 август. Датум кој одамна престанал да биде само ден во календарот. Датум кој во колективната меморија на Вевчани не претставува само историски запис, туку прерасна во симбол. Симбол на вевчанскиот непокор.

Седми август прерасна од обичен датум во жива вредност. Ден кога достоинството беше погласно од стравот. Кога единството беше посилно од секоја закана. Кога едно мало место покажа дека големината никогаш не се мери со бројот на жителите и територијата, туку со големината на срцето и духот.
Има една реченица што секој Вевчанец ја препознава уште на првите зборови: „Петок беше… 07.08.1987 година…“

Петок беше тогаш. Петок е и вечерва. Речиси четири децении помеѓу тој и овој петок. Но пораката и понатаму е иста – непокорот.
Но непокорот не како повик на поделба. Ниту желба за судир. Туку како повик за достоинство. За право на сопствен идентитет. За почит кон човекот. За љубов кон родното место.
Затоа денес, кога го споменуваме Вевчанскиот непокор, не зборуваме само за минатото. Зборуваме за вредност што и денес нè обврзува.
Во тие августовски денови, Вевчани не го бранеше само своето право. Го бранеше своето достоинство. Го бранеше својот идентитет. Го бранеше правото да остане свое.

И токму затоа денес, кога го одбележуваме Денот на Вевчанскиот непокор, не се навраќаме кон минатото од носталгија. Туку од благодарност. Благодарност кон оние што покажаа дека слободата не се наследува сама од себе. За неа треба да се избориш и да ја чуваш. Да ја чуваш достоинствено, мудро, со заедништво и љубов кон родното место.
Токму затоа, кога оваа година зборуваме за триесет години Општина Вевчани, не зборуваме само за една локална самоуправа. Зборуваме за луѓето. За нивната работа. За нивната пожртвуваност. За нивната љубов кон ова место.
Историјата ја создаваат луѓето. А оваа година, триесет години подоцна, Вевчани, иако е една од најмалите општини во Македонија, по својата препознатливост, култура, природно богатство, традиција и визија, одамна ги надмина своите географски граници.
Во овие триесет години, низ различни времиња и околности, Вевчани продолжи да расте. Да се развива. Да биде препознатливо по својата култура. По својата традиција. По својата автентичност. По својата храброст да остане свое.
Од карневалот кој стана симбол на слободната мисла, до духовното наследство што со векови се чува во храмовите. Од студените извори што не пресушуваат, до секој човек што со својата работа го носи името на Вевчани далеку од неговите граници.
Сето тоа ја создава приказната што оваа година ја славиме.
Но приказните не завршуваат со годините. Тие продолжуваат преку луѓето. Преку нивните дела. Преку нивната љубов. Преку нивната одговорност.
И затоа годинава, додека со гордост одбележуваме триесет години од формирањето на Општина Вевчани, со уште поголема почит им оддаваме благодарност на сите генерации што го создаваа, го чуваа и го сакаа Вевчани.
За патот што го поминавме, за визијата што денес ја живееме и за иднината што заедно ја создаваме…
Почитувани,
Кога ќе се изговори името Вевчани, секој слуша различна приказна. Некој најнапред ќе помисли на бистрите извори. Некој на прекрасните цркви. Некој на карневалот, кој одамна ги надмина границите на нашата земја. Некој на лазарските песни, некој на свадбарските обичаи кога невестата оди на вода. Некој ќе се сети на мирисот на планината, на сокаците, на старите порти и широките дворови.
Но за секој Вевчанец… Вевчани значи нешто многу повеќе.

Тоа е првиот чекор направен по калдрмата. Првата песна научена од дедото и бабата („Росна, росна… по мене бабо, по мене…“, „Ој, јуначе Лазаре, неворшен и неможен“). Првото ѕвоно што одекнало во училиштето. Првата вода што ја напоила жедта. Првото чувство дека некаде навистина припаѓаш.
Вевчани никогаш не се обидувало да биде најголемо. Но секогаш се трудело да биде свое. Да остане исправено, достоинствено и автентично.