ДУИ бара да се најдат лицата кои ги шкртале муралите со убиен специјалец од Албанија во 2001, ликот на Адем Јашари и амблемот на ОНА во населбата Чаир.
ДУИ-Огранок Чаир реагираше по оштетувањето на муралите со ликот на Адем Јашари, командант Тели, амблемот на УЧК и други симболи во населбата „Тели“ во Гази Баба, Чаир, опишувајќи го настанот како „сериозна провокација“. Според ДУИ, случајот добива уште поголема тежина поради времето кога се случил, на годишнината од падот на командант Тели.
„Сквернавењето на ликовите на УЧК во Чаир, на годишнината од падот на командант Тели, е сериозна провокација“, се наведува во реакцијата на огранокот на ДУИ во Чаир.
Оваа партија нагласува дека оштетувањето на муралите што прикажуваат ликовите и симболите важни за Албанците претставува неприфатлив чин и бара надлежните институции да реагираат без одлагање. „Овој чин е уште повознемирувачки поради времето кога се случил, што го прави неприфатлива провокација за чувствата на албанските граѓани“, нагласува ДУИ.
Огранокот на ДУИ во Чаир, исто така, изразува загриженост за она што го опишува како атмосфера создадена од толеранцијата на радикалните елементи, што според нив резултира со провокации против Албанците и нивните симболи.
Поради оваа причина, ДУИ бара од Министерството за внатрешни работи да преземе итни мерки за расветлување на случајот, идентификување на одговорните лица и утврдување на мотивите.
Во коментарите граѓани Албанци искажуваат уверување дека инцидентот е дел од напорите на ДУИ да привлече внимание и да ги вжешти меѓуетничките односи.