Делегација од Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, предводена од началникот на ГШ, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска ќе положи цвеќе во спомен на осумтемина припадници на резервниот состав на Армијата кои загинаа во 2001 година кај месноста Љуботенски бачила.
Во рамки на чествувањето делегацијата ќе положи цвеќе на повеќе спомен-обележја посветени на загинатите бранители, соопшти Генералштабот на Армијата.
Во 8 часот ќе биде положено цвеќе кај спомен-обележјето на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, по што во 8:30 часот ќе се одржи оддавање почит кај споменикот на паднатите бранители во селото Волково.
Предвидено е во 10 часот делегацијата да положи венци кај споменикот на загинатите бранители во селото Љубанци, а во 12 часот и кај спомен-плочата во касарната „Илинден“.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.