Бизнис

И со платата од над 1.000 евра во Македонија има сѐ помалку рудари

Бројот на работниците во јуни 2026 година, во однос на јуни 2025 година, во секторот Рударство и вадење камен се намалил за 7,7%, соопшти ДЗС.

Во месецот кога во Македонија ќе се одбележи Денот на рударите, земјава регистрира сѐ помалку работници во рудниците, а истовремено не се реализираат ниту нови инвестиции во оваа индустриска гранка. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, бројот на работниците во индустријата е намален за 2,3% во јуни 2026 во однос на јуни 2025 година, а најголемиот пад е забележан во рударството.

  • „Бројот на работниците во јуни 2026 година, во однос на јуни 2025 година, во секторот Рударство и вадење камен се намалил за 7,7%“, соопшти ДЗС.

Наспроти ваквиот негативен тренд, од друга страна паралелно расте и платата на вработените во рударството, кои сега заработуваат над 1.000 евра месечно. Но, инвестициите во секторот продолжуваат да наидуваат на пречки, а последна беше онаа за рудник за бакар во Иловица, па нови работни места нема.

Компанијата „Еуромакс ресоурцес“ која стои зад инвестицијата во Иловица, најави 1.000 директни вработувања во текот на изградбата и 500 директни вработувања во текот на работењето, со предност за локалното население, додека пак проценките се дека ќе се отворат 2.700 индиректни вработувања како резултат на работата на рудникот. Овие индиректни вработувања се очекуваат преку соработката на компанијата со локалните добавувачи и изведувачи, а тука се опфатени услугите за снабдување со храна, транспорт, сместување… Овие дополнителни активности се предвидува дека засилено ќе го активираат локаното население и многу локални фирми ќе имаат придобивки како резултат на повисокиот животен стандард.

Универзитетската професорка по геологија Соња Лепиткова, во гостување на Канал 5 ТВ, нагласи дека рудниците се проекти кои имаат додадена вредност и треба да се отворат ако се исполнети сите неопходни критериуми и стандарди.

  • Тоа се скапи објекти од самиот почеток на инвестирање. Таму луѓето работат за големи плати. Таму ќе се примаат не само геолози и рудари, туку и машински инженери, информатичари, сообраќајни инженери, технолози, металурзи, електроинженери итн. Таму ќе се земаат големи плати и тоа ќе носи развој на вкупниот сегмент на еден простор, па и на целата држава – истакна Лепиткова.

Сепак, додека нема нови инвестиции сѐ помал е и интересот кај младите да ги изучуваат овие струки. Претседателот на Здружението на металурзи и професор, Горан Начевски во изјава за Сител ТВ, сподели поразителни бројки за новозапишани студенти, додавајќи дека ваквиот вид на образование ѝ е потребен на државата.

  • Интересот за оваа професија е многу мал. Сега во моментов бараме и поддршка и од државата, затоа што многу мал број студенти се запишаа на Технолошко-металуршкиот факултет. И покрај тоа што имаме многу добра соработка со индустријата, којашто дава стипендии за сите што ќе се запишат на металургија, бројот останува многу мал. Последната година беа шест, од кои само тројца продолжија во втора година. Нема интерес – заклучи Начевски.

Во 2022 година имало 6.678 работници во рударството, а бројката паднала на 4.364 во 2025 година. Негативниот тренд се забележува и во секој месец од 2026 година.

Најнови вести од: Бизнис

Инвестиции во туризмот и отварање нови авиолинии, Николовски на средба со „Корендон“

Македонија е интересна дестинација за инвестиции во туризмот и отворање нови авиолинии е заклучокот на вицепремиерот и министер за транспорт и врски Николовски по средбата со представниците на „Корендон“ една од најголемите групации во Европа. На состанокот се разговарало за можностите за нови инвестиции, развој на авиосообраќајот и унапредување на туризмот во Македонија.

Скопје станува регионален центар за европска сертификација на финансиски професионалци

АБИТ и ЕФПА Луксембург започнуваат стратешко партнерство преку кое во регионот ќе бидат достапни меѓународни програми за финансиско образование и професионална сертификација. Ова нуди посебна вредност за студентите на Хајделберг факултет Скопје.

Во Македонија не се искористува ниту приватниот капитал од инвестиција како Иловица

Во наоѓалиштето во Иловица, утврдено е дека рудникот би експлоатирал 10 милиони тони руда годишно, а просечното годишно производство е проектирано на над 10.000 тони бакар. Според количините на руда што ги поседува, проектот се предвидува да биде активен околу 23 години.

„Тинекс“ преку партнер во Косово ќе ја враќа ликвидноста на компанијата

Компанијата информираше дека менаџментот активно работи на изнаоѓање конкретни решенија за надминување на состојбата, при што, како што беше објавено, поддршка има од банките и клучните деловни партнери.

(Фото): Акции со најголем раст и пад на Македонската берза во јули

Акцијата на Аутомакедонија АД Скопје бележи најголем раст во јули, покажува билтенот на Македонската берза за тој период. Акцијата на ТТК Банка АД Скопје пак има најголем пад. Во продолжение целосно и другите акции со најголем раст и пад за јулскиот период.

To top