Свет

САД воведоа санкции против претседателката на Меѓународниот кривичен суд

70-годишната Јапонка Томока Акане е претседател на Меѓународниот кривичен суд од пролетта 2024 година

САД воведоа санкции против јапонската судијка Томоко Акане, која е претседател на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг. Санкциониран е и вишиот адвокат Абдулае Сеи.

Ова е уште една ескалација во кампањата на администрацијата на Трамп против трибуналот, кој беше основан во 2002 година од меѓународната заедница за гонење на воени злосторства, геноцид и злосторства против човештвото. Сепак, САД никогаш не биле членка на судот.

Минатата година, Вашингтон воведе санкции против неколку службеници на МКС, вклучително и обвинители и судии, поради издадените налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант.

Нетанјаху, кој е баран од судот за наводно користење на глад како метод на војување и намерно таргетирање на цивили во Газа, ја поздрави одлуката на американската администрација. Тој го нарече МКС „шоу судење“ и го пофали американскиот државен секретар Марко Рубио за тоа што јасно стави до знаење дека судските службеници „ќе се соочат со последици“.

Марко Рубио минатиот месец изјави дека администрацијата ќе ги засили своите напори против МКС, вклучително и дипломатска кампања насочена кон убедување на другите земји да ја напуштат институцијата. Тој рече дека судот претставува закана за американскиот воен персонал и другите кои ги спроведуваат строгите политики за имиграција на Трамп или учествуваат во рации врз бродови за кои постои сомневање дека превезуваат дрога.

„Во чест на нашата Декларација за независност, Американците никогаш нема да бидат испратени преку океанот за да им се суди за измислени прекршоци“, напиша на социјалните мрежи  Рубио.

Сегашните санкции се дел од кампањата што ја започна Вашингтон минатиот месец за осакатување на МКС. Соединетите Американски Држави веќе воведоа санкции против најмалку 11 претставници на МКС и ги повикаа 125-те земји-членки на судот да се повлечат од организацијата.

По објавувањето на санкциите врз Акане и Сеи, МКС издаде соопштение во кое ги критикува постапките на Вашингтон и предупредува дека мерките за казнување на судиите, обвинителите и службениците за извршување на нивниот мандат „го поткопуваат владеењето на правото“ и го ставаат во опасност меѓународниот правен поредок.

 

Најнови вести од: Свет

To top