Хроника

Одложено судењето на Груби и уште седум лица: закажани 13 термини за расправа во септември и октомври 2026

Основниот кривичен суд Скопје денеска ја одложи главната расправа во предметот за наводни злоупотреби во АД „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби.

Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски образложи дека одлагањето е потребно, за да имаат обвинетите и нивните бранители доволно време да извршат увид во доставените докази, да се запознаат со нивната содржина, да ја подготват одбраната и да достават листа на докази што предлагаат да бидат изведени во текот на постапката. – Судот оцени дека обвинетите и нивните бранители треба да добијат потребно време за увид во доказите и за ефективна подготовка на одбраната, имајќи го предвид и барањето на бранителот на обвинетиот Бојан Јанев за оставен рок за подготовка, поради што главната расправа се одлага – истакна судијката.

Наредните рочишта се закажани за 7, 11, 16, 18, 23 и 30 септември, како и на 2, 8, 9, 15, 16, 20 и 21 октомври. Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Обвинителите најавија изведување на 231 материјални докази, вештачења и искази на седум сведоци.

Според обвинителниот предлог поднесен од Основното јавно обвинителство Скопје, Артан Груби и уште седум лица се товарат дека во текот на 2023 и 2024 година со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ од над 507 милиони денари. На сите обвинети им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување.

Првообвинетиот, поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, сè уште е недостапен за органите на прогонот и се бара негов притвор по пронаоѓање. За Артан Груби Обвинителството бара продолжување на куќниот притвор. Груби беше уапсен во февруари годинава на граничниот премин Блаце, по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот. Потоа наместо ефективен притвор му беше определен куќен притвор, поради безбедносни причини.

Македонска информативна агенција – МИА

 

 

Најнови вести од: Хроника

И.Х.(25) и А.Х.(20) од село Идризово се скарале со продавачката, па го нападнале и И.О.(41), која ја бранел!

Двајцата насилници од Идризово може на некое време да станат жители на затворот во близина на нивното село, откако во продавница биле агресивни кон продавачка, а потоа го натепале соселанецот, кој им рекол да не се однесуваат непристојно кон жената.

Шест возачи уапсени, 262 казнети: акција на МВР низ Скопје и контроли на мотоцикли, мопеди, трицикли и четирицикли

Во текот на изминатата вечер и ноќ, од 21 кон 22 август, полицијата во Скопје казнила 262 возачи во рамки на засилена сообраќајна контрола, со посебен акцент на мотоцикли, мопеди, трицикли и четирицикли. Акцијата била спроведена од 18 часот до 1 часот по полноќ од Одделението за безбедност на патниот сообраќај и полициските станици од општа надлежност при СВР Скопје.

To top