Виктор Петрушевски, поранешен советник во кабинетот на премиерот во времето на Зоран Заев и последователните СДСМ-влади, се спомнува во обвинението на Специјалното обвинителство на Косово против Фатмир Шехоли, осомничен за шпионажа во корист на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА).
Според деталите од обвинителниот акт што го објавија косовски медиуми (Telegrafi и KOHA), во комуникациите од декември 2024 година извлечени од телефонот на Шехоли се спомнува лице идентификувано како Виктор Петрушевски.
Од тие комуникации произлегува дека Шехоли преземал активности за организирање средба со Бојан Димиќ, кого обвинителството го посочува како висок функционер на БИА (директор на Дирекцијата за борба против тероризам и организиран криминал). Според обвинението, средбата била реализирана на 25 декември 2024 година, а Шехоли тогаш пренел и телефонски број поврзан со Димиќ.
Дополнително, во материјалите се наведува дека на 5 август 2025 година Шехоли испратил документ означен како „Top Secret 2“ (или „Строго доверливо 2“) на лице идентификувано како „Виктор Македонија“.
Документот, според обвинителството, содржи план за ширење исламска радикализација на Косово (изградба на џамии на видливи локации, тројно зголемување на нивниот број и сл.), со цел да се прикаже Косово како радикализирана држава и да се ослабне неговата меѓународна позиција.
Шехоли е обвинет за кривични дела „шпионажа“ и „уцена“. Обвинението тврди дека тој бил регрутиран од БИА и до апсењето на 9 октомври 2025 година собирал и пренесувал информации за политичките активности, безбедносната ситуација и функционирањето на косовските институции, како и за наводно узурпирани српски имоти. Тој е во притвор, а случајот е дел од пошироката серија истраги на косовските власти за шпионажа во корист на Србија, во кои веќе има осудителни пресуди.
Виктор Петрушевски, според јавно достапни податоци, од ноември 2020 година извршувал функции како соработник за поддршка на инвестиции во Владата на Република Македонија и советник за локална самоуправа во Кабинетот на премиерот Заев. Претходно, од 2017 до 2020 година, бил менаџер во АД „Аеродроми на Македонија“.
Спомнувањето на Петрушевски во комуникациите на Шехоли во обвинението не претставува директно обвинение против него. Нема јавни информации дека македонските или косовските органи покренале постапка против Петрушевски во врска со овој случај. Случајот останува во фаза на судска постапка против Шехоли, а детали од истрагата продолжуваат да излегуваат преку косовските медиуми.
Ова е еден од повеќето случаи што Специјалното обвинителство на Косово ги разгледува во последните години во врска со наводна шпионска мрежа поврзана со БИА.
Петрушевски за Алсат негира дека бил дел од било какви активности и тврди дека со Шехоли бил во бизнис релации.