Проектот „Градски воз“ е идеја на актуелната Влада со која се сака граѓаните на Скопје, како од приградските населби така и од централното подрачје, да добијат побрз, поефикасен и подостапен јавен превоз. Целта е периферните делови на градот да се поврзат со центарот, што треба да донесе поевтино и пократко патување, помалку чекање и побрз јавен транспорт.
Утрово премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, раководствата на железничките претпријатија „Транспорт“ и „Инфраструктура“ и нивни вработени, заедно со медиуми, со градскиот воз тргнаа од железничката станица во Зелениково кон Скопје.
Симболичното патување беше организирано по повод официјалната промоција на првата од трите предвидени линии. Таа ќе сообраќа на релацијата Зелениково – Ново Зелениково – Орешани – Јане Сандански – Драчево – Лисиче – Нова железничка станица Скопје.
За потребите на проектот, „Железници Инфраструктура“ изврши целосна реконструкција на пругата за да се подигне нивото и капацитетот на брзина на оваа релација. Сообраќајот ќе се одвива со три возови според точно утврден ред на возење од страна на МЖ „Транспорт“.
Во тек се работи и на проектирање на втората и третата линија. Едната ќе води од Нова железничка станица преку Бутел и Скопје-Север до Ѓорче Петров, а другата од Нова железничка станица преку Автокоманда и Маџари до Илинден.