На патниот правец од граничниот премин Евзони кон Солун веќе интензивно се работи и тоа е еден од најважните инфраструктурни проекти во Северна Грција.
Не станува збор за изградба на сосема нов пат по друга траса, туку за темелна реконструкција и доградба на постојниот пат А1. Целиот правец Халастра–Евзони е долг околу 60 километри и претставува грчки дел од Коридорот 10, по кој најголем дел од македонските граѓани патуваат кон Солун, Халкидики и јужните делови на Грција.
Главните градежни работи се концентрирани на делницата долга околу 44 километри, од клучката Халастра/Аксиос до Поликастро. Постојниот пат на овој потег има по една широка сообраќајна лента и помошна лента во секоја насока, но нема физички одвоени коловози, што со години го прави еден од најризичните патни правци во Грција.
По завршувањето на проектот, автопатот ќе има два одвоени коловоза, по две сообраќајни ленти во секоја насока, ленти за принудно запирање и средишна разделна зона со заштитна ограда. Предвидени се контролирани влезови и излези, нови мостови и надвозници, како и реконструкција на клучките кај Аксиос, Гефира и Поликастро.
Проектната брзина ќе изнесува 120 километри на час.
Последните 15 километри, од Поликастро до граничниот премин Евзони, веќе се изградени со два одвоени коловоза, по две ленти и лента за принудно запирање во секоја насока.
Патот има големо значење и за грчката економија, бидејќи претставува главна копнена врска на Солун и Северна Грција со соседна Македонија, Србија и остатокот од Европа.
Грчките локални власти го опишуваат Евзони како најфреквентниот копнен влез во земјата според бројот на посетители, со особено густ сообраќај во летната туристичка сезона.
Модернизацијата на патот треба да биде завршена во рок од приближно четири години, односно до крајот на 2029 или во текот на 2030 година, ако работите се одвиваат според планот.