Следната недела ќе започне реконструкцијата на булеварот „Мит’хат Фрашери“ во Општина Чаир, еден од клучните инфраструктурни проекти во општината, соопшти денеска Општина Чаир.
Според соопштението, градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, извршиле увид на делницата каде што ќе се реализира проектот, при што било констатирано дека подготовките се завршени и сè е подготвено за почеток на градежните работи.
Проектот предвидува реконструкција на делница долга над 1,4 километри, на потегот од улицата „Џон Кенеди“ до булеварите „Словенија“ и „Босна и Херцеговина“.
Како што информираат од Општина Чаир, булеварот ќе има четири сообраќајни ленти, тротоари, велосипедска инфраструктура, атмосферска канализација и ново јавно осветлување, со што се очекува значително подобрување на сообраќајот и модернизација на инфраструктурата во овој дел од општината.
– Еден по еден, ги реализираме проектите што ги ветивме за Чаир. Следната недела започнува реконструкцијата на булеварот „Мит’хат Фрашери“, еден од клучните инфраструктурни проекти за нашата општина. Станува збор за голем проект кој значително ќе ги подобри сообраќајот и инфраструктурата во овој дел од Чаир. Ветувањата ги претвораме во конкретни дела и ќе продолжиме проект по проект, сè до целосно исполнување на нашите обврски кон граѓаните – се наведува во изјавата на Меџити.
Од локалната самоуправа дополнуваат дека реконструкцијата на булеварот „Мит’хат Фрашери“ е дел од инфраструктурните инвестиции што се реализираат во Чаир, со цел модернизација на патната мрежа, олеснување на сообраќајот и создавање пофункционална инфраструктура за граѓаните.