Спорт

Два сета отпор од Македонија за фаворитот Украина на ЕП во одбојка

Осмопласираниот тим на ЕП 2023 славеше над „црвено-жолтите“ со 3:0, откако првите два сета ги доби со по 25-22

По светскиот вицешампион Бугарија, машката одбојкарска репрезентација на Македонија се сретна со уште една репрезентација од топ-10 во светот, Украина, од која загуби со 3:0 во Софија, по сетови 25-22, 25-22 и 25-10, во второто коло на Европското првенство.

Иако во првиот сет „црвено-жолтите“ губеа со 16-9, во финишот стигнаа до 24-22, но веќе немаше ни простор ни време за целосен пресврт.

Слично резултатско враќање избраниците на селекторот Јошко Миленкоски, кој денеска наполни 66 години, приредија и во вториот сет, кога по 22-16 намалија на 23-22 и пак не успеаја докрај да го капитализираат налетот, што се одрази врз мотивот во решавачкиот сет, кој буквално им го препуштија на Украинците.

„Првите два сета ги загубивме со мала разлика, но притисокот што го вршеа со сервисот на крајот беше пресуден. Во третиот сет целосно ја загубивме концентрацијата, особено откако Украина направи серија од шест или седум сервиси во низа. Мислам дека тоа беше клучниот момент“, изјави Александар Љафтов.

Олег Плотницки беше нерешлива енигма за македонскиот тим, запишувајќи 16 поени, од кои дури седум аса од вкупно 15-те на својот тим наспроти само двата на Македонија.

Во поразениот тим со по осум поени се издвоија капитенот Никола Ѓорѓиев и Филип Савовски.

В недела од 18 часот најдобрите македонски одбојкари ќе ги одмерат силите со уште еден конкурент за (нај)висок пласман во групата и на ЕП, европскиот шампион Полска.

 

 

Најнови вести од: Спорт

To top