Владините коалиционери ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ истакнаа одделни кандидати за градоначалник на Општина Брвеница за претстојните вонредни избори по смртта на Јовица Илиевски од најголемата партија во владејачката коалиција.
Стојанчо Радичевски ќе „трча“ за ВМРО-ДПМНЕ како изгласан со акламација од Извршниот комитет на партијата, а Јакуп Хусеини за ВРЕДИ.
Радичевски е претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница, магистер по граѓанско право, дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Хусеини, пак, е магистер по правни науки и работи како државен службеник во Општина Брвеница.
На последните локални избори победи Илиевски со 145 гласа повеќе од Хаќим Рамадани од ВРЕДИ.
Според последниот попис од 2021 година, Општина Брвеница има 13.645 жители, од кои 54 проценти Албанци и 45 отсто Македонци.