Македонија Колумни

За Лант е „глупаво прогласувањето на македонскиот како бугарски јазик“ – дали Костадинов го стори тоа како кандидат за претседател на Бугарија?!

„Бугарските научници, кои тврдат дека концептот на македонски јазик бил непознат пред Втората светска војна, или кои продолжуваат да тврдат дека македонскиот јазик не постои, изгледаат не само нечесно, туку и смешно и глупаво! Грчките  научници, кои изнесуваат слични тврдења, покажуваат арогантно незнаење за своите словенски соседи!“ – има констатирано авторот на „Граматиката на македонскиот книжевен јазик“ американскиот славист Хорас Лант во своја научна статија во 1984 година реагирајќи на постојаните негирање на постоењето и самобитноста на македонскиот јазик. Лант е роден на денешен ден, на 12 септември 1918, а починал на 11 август 2010 година. Денешното навршување на 108-та годишнина од раѓањето на овој светски признат лингвист е повод да се осврнеме од гледна точка на неговите македонистички истражувања на политичкиот театар, кој го приреди вчера во бугарскиот парламент Костадин Костадинов, лидерот на бугарската ултрадесничарска и националистичка партија „Преродба“. Како пратеник Костадинов поднесе иницијатива македонскиот јазик да биде прогласен и да биде третиран како бугарски јазик. Кажаното од Лант важи денес во иста и целосна мера и за Костадинов: нечесна е и смешна и глупава оваа негова иницијатива за јазикот, кој сиот научен свет го познава и го признава како македонски јазик – идентитетски столб на македонскиот народ.

Пишува: Свето Тоевски

Во својот научен труд „За македонската националност“ („On Macedonian Nationality“) објавен во 1986 година, Лант категорично ја анализира „појавата на индивидуалната македонска националност со својот засебен јазик“ (the emergence of an individual Macedonian nationality, with its own separate language.”.

Лант е еден од водечките светски македонисти, кој ја „бетонира“ вистината за самобитноста на македонскиот јазик со многу научни аргументи. Тој воспостави реска разлика меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Во својата граматика пред 73 години посочи на истражувањата на македонскиот јазик и неговите дијалекти во многуте векови на нивното постоење на целата македонска етнојазична територија. „Македонскиот, како и повеќето други литературни јазици, содржи елементи од неколку регионални дијалекти, но не е идентичен со ниту еден дијалект.“ – има констатирано американскиот македонист. Тој целосно ги поби уште пред седум децении сите негаторски тези дека македонскиот јазик некој по своја „милост“ го измислил во 1944/1945 година, како што тврдат денес бугарските политичари и лингвисти низ Европа.

Во својот научен труд „Некои социолингвистички аспекти на македонскиот  и бугарскиот јазик“ од 1984 година американскиот научник истакнува дека сите тези, со кои се негира постоењето на македонскиот јазик како засебен јазик се чиста политичка пропаганда и се научно неодржливи. Според Лант, постојат јасни и структурни разлики меѓу македонскиот и бугарскиот јазик поради нив. Значи, кажано со речникот на американскиот харвардовец, иницијативата на Костадинов е чиста политичка пропаганда, која нема никаква научна одржливост. Но, за каква политичка пропаганда би можело да се работи во случајот на Костадинов во овој случај кога тој се дрзнува повторно да посегне по столбот на македонскиот национален идентитет, да го прогласува како бугарски јазик?!

За 25 октомври 2026 година е закажан првиот круг од изборите за нов претседател на Бугарија, откако дотогашниот претседател Румен Радев, а сегашен премиер. Во јануари годинава поднесе оставка. Минатиот месец, во август повеќе бугарски медиуми објавија дека се очекува на претседателските избори да учествува „традиционално и партијата ‘Преродба’ со својот лидер Костадинов“. На пример, на 6 август 2026 година „Медиапул“ објави ваква вест. До овој момент сѐ уште нема лична и јавна изјава на Костадинов дека ќе се кандидира за нов шеф на бугарската држава, ниту неговата партија веќе формално го регистрирала како свој претседателски кандидат.

Но, се наметнува силна дилема: дали овој бугарски политичар можеби веќе започна вчера, на 11 септември, со своја неофицијална, иако непрогласена предизборна кампања како претстоен учесник во трката за нов претседател на Бугарија, со тоа што во нејзиниот парламент тој ги повтори 150-годишните великобугарски тези дека мајчиниот јазик на македонскиот народ е бугарски јазик?! Во наредните денови и седмици останува да го видиме одговорот на оваа дилема.

На Костадинов не му е првпат од бугарската парламентарната говорница да ги застапува своите ставови на негирање на македонскиот јазик: тој и од порано тврди дека „македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик“ и оти „македонските говори  се дел од бугарското јазично подрачје“. Којзнае, ако не му успее на лидерот на „Преродба“ да стане ниту претседател на Бугарија, ниту потпретседател, зашто и ова ќе се избира, тогаш му преостанува да поднесе иницијатива и во Бугарската академија на науки (БАН) да биде прогласен како „научен преродбеник“ поврзано со македонскиот јазик, согласно со името на партијата Преродба, на која ѝ е лидер! Тогаш ќе има соодветно висока позиција, од БАН, да ги пласира своите смешни и глупави „преродбеничко-бугарски погледи“ за македонскиот јазик.

Но, да продолжиме со острите оценки од самиот Хорас Лант Лант за сите обиди да се побугари македонскиот јазик. Во истиот труд „Некои социолингвистички аспекти на македонскиот  и бугарскиот јазик“ тој аргументира дека македонската јазична индивидуалност има корени уште во најстарите ракописи на македонски јазик. „Тврдам дека корените на македонскиот јазичен индивидуалитет датираат од најстарите ракописи и не гледам причина таквите древни дијалекти да не се нарекуваат македонски.“ – ќе каже категорично Лант.

Тука ќе нагласиме: најстариот македонски ракопис на македонски јазик, кој е дел од македонската средновековна ракописна традиција, е Зографското евангелие, што потекнува од крајот на 10-иот и почетокот на 11 век. Ракописите од 10-11 век се пишувани на старословенски / староцрковнословенски јазик. Зографското евангелие, произлезено од Охридската книжевна школа, е пишан споменик на македонската јазична самобитност, кој ја содржи македонската редакција на старословенски / староцрковнословенски јазик. Што ќе рече, тоа евангелие е пишувано на македонската варијанта на тој старословенски и црковнословенски јазик.

Нека да појдат и Костадин Костадинов и дите други негатори на македонскиот народ и македонскиот јазик во „Смитсонијан Националниот музеј“ („Smithsonian National Museum“) во Вашингтон и таму ќе можат да прочитаат во неговата каталогизација дека Зографското евангелие се наведува точно како „Македонија, доцен десетти – единаесетти век“ („Macedonia, late tenth-eleventh century“’, не како „Бугарија, доцен десетти – единаесетти век“. Што значи, оваа светски позната музејска институција го означува тој јазичен документ како македонски јазичен ракопис, а не како ракопис на бугарски јазик, од Бугарија! Самиот ракопис, пронајден во Зографскиот манастир на Света Гора во 1843 година од Антун Михановиќ, денес се чува во Националната библиотека на Русија во Санкт Петербург

Лант анализира и една бугарска студија објавена во првиот број на Български език во 1978 година, која била претставувана како доказ против посебноста на македонскиот јазик.

Во текот на истражувањето, Лант собира јазичен материјал и врши систематска анализа на фонологијата, морфологијата и синтаксата. Ова истражување претставува основа за неговата книга „A Grammar of the Macedonian Literary Language“, објавена во Скопје во 1952 година. Ова дело претставува првата целосна научна граматика на современиот македонски литературен јазик, напишана според западни лингвистички стандарди и наменета за меѓународната научна јавност. Граматиката го разгоре гневот на бугарските националисти, кои го сметаа македонскиот јазик за западен дијалект на бугарскиот јазик. Еден бугарски весник, кој ги осудуваше југословенските јазични политики и остро ги критикуваше сите обиди за воспоставување стандарден македонски јазик, изјави дека „несреќните Југословени биле принудени да увезат шпион за да го создадат јазикот за нив. Не ни треба помош од никого од Хорас Лантс!“ „Лантизмот“ бил означен како антибугарска напаст.

Најнови вести од: Македонија Колумни

„Н.М“: Фашизам е обидот на Костадинов и „Преродба“ да го прогласат македонскиот јазик како бугарски!

Лидерот на бугарската радикална десница Преродба, Костадин Костадинов, во бугарското Народно собрание официјално поднесе иницијатива со која бара македонскиот јазик со законски и институционален акт да биде третиран единствено како „бугарски дијалект“. (!?) Ова не е инцидентен настап на Костадинов, туку континуирана платформа на неговата партија Преродба, која преку негирање на македонскиот национален супстрат демонстрира класични фашизоидни елементи, собирајќи евтини политички поени на домашната сцена. Ова се нагласува во политичката анализа со наслов „Анатомија на една фашизоидна провокација“, која ја објави денес весникот „Нова Македонија“. 

Битола ја одбележа 84-тата година од смртта на народниот херој Стив Наумов, заедно со народниот херој Мите Богоевски загинати во борба со бугарската полиција

По повод годишнината од смртта на Народниот херој Стив Наумов, делегации од Битола денеска положија цвеќе и се поклонија пред неговиот споменик на Широк Сокак.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана најостро ги осудува обидите на Софија за злоупотреба на здравјето на Македонците во Пустец, за да ги бугаризира!

„На 11 септември 2026 бугарски лекари вршеле прегледи во државна амбуланта во Пустец. Бугарската држава со години врши невиден притисок врз Македонците во Република Албанија. На Македонците низ цела Република Албанија им е јасно дека акцијата за бесплатни прегледи треба да биде дополнителна мамка за населението во областа Преспа за негово изјаснување како Бугари.“ – реагира во најостра форма Македонското друштво “Илинден“-Тирана .

Мицкоски: Граѓаните сѐ уште ги плаќаат сметките од бандитските, криминални и ненационални политики на владите на Заев и Ковачевски!

Сметките од работењата на претходните влади на Зоран Заев и Димитар Ковачевски и како тие се справуваа со кризата денес ги плаќаат граѓаните, и не дај Боже некогаш повеќе на Македонија да ѝ се повторат такви влади, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Велјановски: Талогот од СДС треба да одговара за поскапувањето и доцнењето на железничкиот Коридор 8

ДЗР утврдил дека проценетата вредност за третата фаза од железничкиот Коридор 8, пругата Крива Паланка–граница со Бугарија, пораснала за околу 220 милиони евра, односно од 340 на 560 милиони евра

Најнови вести

To top