Спорт

Македонските одбојкари се одјавија од ЕП со триумф над Израел! (ВИДЕО)

Македонија го заврши своето четврто учество на европските шампионати со максимална победа од 3:0 во Софија

Одбојкарската репрезентација на Македонија со стил го заврши своето четврто учество на европските првенства, совладувајќи го Израел со 3:0 во Софија, по сетови 25-21, 25-23 и 25-22.

„Среќни сме и задоволни, бидејќи покажавме како можеме да ја играме нашата игра. Тоа беше одличен настап и го завршивме првенството со добра игра. Македонските навивачи беа толку гласни што можевме да ја почувствуваме нивната енергија, а тоа дефинитивно ни помогна денеска“, изјави Филип Савовски по мечот.

Единствената победа на шампионатот по четирите максимални порази ги искачи „црвено-жолтите“ на петтото место во групата Б, оставајќи ги Израелците зад нив и спречувајќи ги да се пласираат во осминафиналето.

Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски одлично го отворија мечот во арената „8888“, поведувајќи со 12-7, ривалот израмни на 19-19, но завршницата им припадна на македонските одбојкари, кои беа подобри и во нападот (67:48 проценти), и во приемот (48:37 отсто).

Цврстиот македонски блок донесе водство од 22-18 во вториот сет, Израел се закани намалувајќи на 24-23, но Македонците повторно најдоа решение да го освојат и вториот период од играта.

И третиот сет донесе неизвесност, која македонскиот тим почна да ја намалува со водството од 17-15 и успеа да го приведе и овој сет кон крајот во своја полза.

Македонија ја заврши средбата со подобра реализација во нападот (55:45 отсто), подобар сервис (3:0 во асови) и со помалку неизнудени грешки (17:19, од кои Израел направи дури 10 само во третиот сет).

Капитенот Никола Ѓорѓиев уште еднаш беше најдобар поединец во македонската репрезентација со 20 поени, пред Стојан Илиев со 14.

 

 

 

Најнови вести од: Спорт

To top