Европскиот вицешампион до 23 години од Ереван 2025 и освојувач на бронзен медал на неодамнешните Медитерански игри во Таранто, Ален Рустемовски, е адутот на Македонија на тековното Европско првенство во Бугарија што ќе трае до 25 септември.
Рустемовски стартува утре во категоријата до 60 килограми, кадешто на рингот во „Асикс арената“ во Софија за противник ќе го има Беник Мелкумјан од Луксембург. Ако слави, 22-годишниот битолчанец во осминафиналето на 21 септември оди на Англичанецот Вилијам Хјуит.
Алим Насуфи го заврши својот настап уште на стартот во категоријата до 70 кг., кадешто загуби со 5:0 од домашниот боксер Благовест Неделчев.
Илчо Костовски, пак, ќе тргне од осминафиналето во категоријата до 90 кг, во кое на 21 септември ќе му излезе на мегдан на Андреј Заплитњи од Молдавија.
На првенството настапуваат околу 400 натпреварувачи во машка и во женска конкуренција.