Македонија

Сиљановска-Давкова: Време е за нова пролет на нашата македонска република

Мора да го искорениме плевелот на корупцијата и криминалот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на чествувањето на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката на Мечкин Камен во Крушево.

Во својот говор, Сиљановска-Давкова рече дека е „време за нова пролет на нашата македонска република, за навраќање на републиканските корени“.

Што значи тоа? Македонските граѓани од својата република очекуваат барем две нешта ̶ слобода и правда. Кога зборувам за слобода, не мислам само на политичката, туку и на економската, на академската, на културната, на социјалната… Кога зборувам за правда, не мислам само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и на генерациската правда. Не смееме да изумиме дека предуслови за слободата и за правдата се владеењето на правото и еднаквоста пред законот“, истакна претседателката.

Таа додаде дека „мора да го искорениме плевелот на корупцијата и на криминалот“.

Никој не смее да биде недопирлив, независно дали е поранешен или актуелен политичар или функционер, судија или влијателен бизнисмен. За правдата да биде неселективна и навремена, потребни се забрзани и длабоки реформи во правосудството, а тие почнуваат со европска правна рамка, но и со европски критериуми на регрутирање, како и со европски стандарди на функционирање и одговорност“, вели Сиљановска-Давкова.

Според неа, потребен ни е здравствен систем по мерка на здравјето на пациентите и на нацијата. За креативните умови, потребни се инвестиции во образованието и науката, во истражувањето, во развојот и дигитализацијата.

Претседателката се осврна и на пожарите.

Деновиве, републиката ни е во пламен. За помалку шумски пожари, потребен е не само правен, туку и ефикасен институционален систем, вистински луѓе на важни позиции, вградена превентивна и волонтерска димензија, стимулативни мерки за пожарникарите, пожарникарството и за волонтерите. И овие активности се во ек. За да се заштити здравјето на луѓето и на природата, мора да ставиме крај на дивите депонии и на нивното палење, но и да имаме контрола врз палењето“, вели претседателката.

Сиљановска-Давкова истакна дека имаме потреба од длабоки и суштински реформи во секоја област по европска мерка: со заштитени слободи и права, со владеење на правото и бескомпромисна борба со корупцијата; со стратегиски партнерства со државите со заеднички вредности и интереси; со независни и функционални институции; со компетитивна економија и со капитални инвестиции; со партиципативна политичка култура.

Ние не сме стебло без корен. Нашата слобода и нашата република се вкоренети во европската пролет на народите, во демократските и хумани визии на „Млада Европа“. И затоа, на оној што ќе ни рече „вие сте млад народ со млада држава“, ќе му одговориме дека сме чеда на Гоцевата визија за „Млада Европа“ обединета Европа, и за светот како поле за културен натпревар на народите!

Колку и да ни е тешко, не треба да се обесхрабруваме од пречките и препреките. Сме опстоиле и сме надминале и потешки проблеми. Не сме сами. Имаме пријатели – демократи кои го почитуваат нашето право на национален и културен идентитет, на граѓански дигнитет и интегритет зашто и самите го сакаат и уживаат. Верувам во нивната поддршка и помош. Тие не се плашат да укажат и да се спротивстават на двојните стандарди и на анахроните обиди за ревизија на историјата.

Ние не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ, оти отсекогаш сме дел на Европа: географски, историски и културно, зошто да не и политички. Едноставно, ние балканските народи и нации сме биле, сме и ќе останеме Европејци.

Цврсто сме решени како што беше европски зацртано да стигнеме до целта до 2030 година, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми!“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.

Најнови вести од: Македонија

Реобјава на тешкиот антимакедонски фалсификат на косовскиот историчар Буџови: „Илинден’ ги одбрани бугарските интереси!“

Дали „Албанците учествувале во Илинденското востание, оти биле присилно мобилизирани, спротивно на интересите на албанското движење за албанска автономија“, што тврди историчарот од Косово Буџови, или „Албанците плански учествувале во Илинденското востание како клучни чинители, за да формираат заедничка држава“, што тврди историчарот Неби Дервиши од Струга? Двајцата албански историчари-фалсификатори, кои сами се демантираат еден со друг, му го одрекуваат македонскиот карактер на Илинденското востание на македонскиот народ – факт познат во сиот свет и сета нормална светска наука, заради великоалбански и великобугарски позиции и интереси.

Десетте револуционерни заповеди на Илинден во „Македонско дело“ од 1928: Како еден се крена сиот македонски народ, за да извика: Не сме веќе покорна раја!

„Повик кон македонскиот народ“ на ВМРО (обединета) по повод 25 години од смртта на Гоце Делчев, објавен во весникот „Македонско дело“ на 4 мај 1928: „Потомците на Гоце не можат да бидат робови. Идеалот на Гоце – слободата на Македонија – треба да се оствари. Делото на Гоце треба да се продолжи. Идеализмот и самопожртвуваноста, хероизмот и преданоста на Гоце нека служат како жив пример и импулс во тешката борба!“

To top