Македонија

Отворени 24 Спортски синдикални игри и средби на полицијата во Охрид

Синдикалниот дијалог и грижата за вработените се заедничка обврска

Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска во Охрид свечено ги отвори 24. Спортски синдикални игри и средби на Македонскиот полициски синдикат, истакнувајќи го значењето на спортот, колегијалноста и синдикалната солидарност за полициската професија.

На отворањето присуствуваа претседателот на Советот на европски полициски синдикати Масимо Денариер, претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија и Македонскиот полициски синдикат, како и претставници на Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција, синдикални претставници, спортисти и гости.

Во своето обраќање, заменик министерот Исени нагласи дека оваа манифестација, која се одржува по 24. пат, прераснала во традиција што ги поврзува колегите и создава можности за дружење, натпреварување и размена на искуства.

„Нашата професија е специфична. Од полицискиот службеник секојдневно се очекуваат дисциплина, физичка и ментална подготвеност, одговорност и способност да се реагира во вистинскиот момент. Но, зад униформата секогаш стои човек“, истакна Исени, посочувајќи дека ваквите средби им овозможуваат на колегите да се поврзат и надвор од секојдневните работни обврски.

Тој нагласи дека спортот и полициската професија споделуваат заеднички вредности – дисциплина, упорност, почитување на правилата, фер однос и доверба во тимот. Според него, значењето на синдикалните игри не се мери само преку спортските резултати и освоените медали, туку и преку пријателствата и солидарноста што се градат меѓу учесниците.

Посебен дел од обраќањето Исени посвети на положбата на вработените и соработката со синдикалните организации.
„За Министерството за внатрешни работи синдикалниот дијалог е важен дел од градењето професионална и современа институција. Можеме да имаме модерна опрема, подобри објекти и нови технологии, но најважниот ресурс на Министерството секогаш ќе бидат луѓето“, порача заменик министерот.

Тој додаде дека подобрувањето на условите за работа, почитувањето на правата на вработените и отворениот дијалог со синдикалните организации остануваат заедничка обврска.

Осврнувајќи се на меѓународниот карактер на манифестацијата, Исени истакна дека присуството на претставници на европските полициски синдикати претставува можност за размена на искуства и зацврстување на професионалните врски. Во таа насока, му се заблагодари на претседателот на Советот на европски полициски синдикати, Масимо Денариер, за присуството и поддршката, како и на Македонскиот полициски синдикат и на сите вклучени во организацијата.

На крајот од обраќањето, заменик-министерот Астрит Исени официјално ги прогласи 24. Спортски синдикални игри и средби за отворени и на учесниците им посака успешно натпреварување и пријатен престој во Охрид.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Вози како да е нормално во спротивна насока среде Партизанска – автомобилот и покрај се продолжува да вози

На видеото се гледа како возачот ја намалува брзината додека се разминува со два автомобили, а потоа повторно забрзува. Се очекува МВР да соопшти дали прекршокот е регистриран преку „Безбеден град“.

Од пад од 5% до раст од 5,2% – СДСМ да ги погледне статистичките податоци за платите, велат од ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ се повика на податоците на ДЗС според кои просечната нето-плата во септември изнесувала 49.141 денар, со номинален годишен раст од 8,1 отсто и реален раст од 5,2 отсто. Во септември 2022 година реалната нето-плата бележела пад од пет проценти.

Охриѓани со порака: Насилството не е проблем на една личност, тоа е заеднички проблем

Љупчo Ѓорѓиески, таткото на 26-годишна Сара Ѓорѓиеска која нејзиното момче Кристијан Корабоски на 15 ноември ја претепа до бесознание и ја остави на улица во Охрид, денеска со нејзина фотографија на која ѝ се гледаат модрици по лицето се приклучи на охридскиот протест против насилството врз жените и фемицид.

(Видео): Избрана трасата за експресниот пат Кочани-Виница-Делчево, камен-темелникот в година, рече премиерот

По јавната расправа е избрана една од двете разгледани варијанти и дека апликацијата за проектот е веќе поднесена пред меѓународните финансиски институции.

To top