Македонија

Димитров предлага да се удави жената што фрли ѓубре во Вардар

Човекот кој го потпиша Преспанскиот договор и самиот преходно беше дел од идеи во кои се предлагаа инквизициски методи за негова казна

Поранешниот министер за надворешни работи и еден од потписниците на Преспанскиот договор, Никола Димитров, предлага измени на законите со кои значително би се зголемиле казните за лицата кои намерно фрлаат отпад во реки, езера и други водни тела.

Димитров реагираше по случајот со жената која беше снимена како од автомобил излегува и фрла кеса со отпад во реката Лепенец, по што, според него, била пронајдена и казнета.

„Првиот инстинкт кога ја видов снимкава ми беше да предложам еден нов граѓански договор: следниот што ќе го фатиме како фрла ѓубре во река – да го фрлиме и него во реката“, напиша Димитров, додавајќи дека наместо тоа предлага законски измени.

Според него, актуелната казна за вакво однесување е премногу ниска.

„Арно ама казната според Законот за јавна чистота е 40 евра. Ако ја плати навреме – 20 евра. Дваесет евра за намерно да фрлиш ѓубре во река. Навистина е смешно. И трагично“, наведува Димитров.

Тој предлага да се изменат членовите 14, 33 и 40 од Законот за јавна чистота и да се усогласи членот 134 од Законот за управување со отпадот.

Неговиот предлог е за намерно фрлање отпад во реки, езера и други водни тела да се предвиди минимална глоба од 1.000 евра, заедно со задолжителна општокорисна работа, по можност во комуналните служби.

Димитров посочува дека општокорисната работа веќе постои како можност во законодавството, но дека во вакви случаи, според него, таа треба да биде задолжителна.

Поранешниот шеф на дипломатијата во објавата ѝ се заблагодари и на жената која го снимила случајот во Лепенец.

„Еве нема да ги фрламе, ама мораме да ги снимаме!“, порача Димитров.

Сепак, неговата остра реторика за казнување доаѓа од политичар кој и самиот во минатото беше во центарот на жестоки повици за одговорност поради Преспанскиот договор, кој го потпиша како министер за надворешни работи во 2018 година.

Димитров и денес останува еден од најгласните бранители на Преспанскиот договор. Во 2025 година изјави дека договорот бил „злоупотребен во домашниот политички наратив“, а во повеќе наврати го бранеше како важен документ за односите со Грција и европската перспектива на земјата.

Оттука, неговиот предлог за драстично зголемување на казните за загадувачите повторно отвора простор за потсетување на неговата сопствена политичка историја и на острите барања за санкционирање што беа упатувани кон него по потпишувањето на Преспанскиот договор.

Најнови вести од: Македонија

To top