Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина, откако митрополитот европски Пимен даде благослов за нејзино основање во рамките на Европската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Почетокот на црковниот живот на македонските православни верници во Салцбург и околината беше означен на 19 септември со првата Света Архиерејска Литургија, која беше отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица.




Со Литургијата чиноначалствуваше митрополитот европски Пимен, во сослужение со отец Јован, а на богослужението присуствуваа македонски православни верници од Салцбург и околните места.
Новата црковна општина ќе го носи името „Св. Архангел Михаил“.
Од Европската епархија посочуваат дека со нејзиното основање започнува нова страница во црковниот живот на македонските православни верници во Салцбург, каде што ќе се организира богослужбен и црковен живот на македонската православна заедница.
Општината ќе дејствува во рамките на Европската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.