Регион

Грчка пратеничка бара истрага за наводни онлајн повици за вооружување на Македонците во Леринско

Курупаки реагира по контроверзна објава и песна од Мелити

Грчката пратеничка Аспасија Курупаки од партијата НИКИ побара од владата во Атина да спроведе истрага за онлајн објава во која, според наводите, се повикува на самоорганизирање, набавка на оружје и вооружено дејствување во северна Грција. Интервенцијата доаѓа по реакциите што ги предизвика песна со стихови „Грци, одете си“, наводно изведена на фестивал во Мелити, во областа Флорина.

Курупаки бара од надлежните да утврдат кој стои зад објавата, дали станува збор за реална закана и дали постојат елементи на кривично дело или безбедносен ризик.

Во парламентарното прашање се наведува дека објавата повикувала на самоорганизирање на лица што се идентификуваат како Македонци, на набавка на оружје и на создавање услови за вооружено дејствување, при што наводно се споменуваат и историски вооружени организации.

Пратеничката побара од министрите за надворешни работи и за заштита на граѓаните да одговорат дали безбедносните служби ја испитуваат содржината, дали таа се третира како потенцијална закана и дали се преземаат или се планираат дипломатски чекори.

Курупаки е пратеничка на „Демократско патриотско движење НИКИ“. Партијата ги наведува православната вера, патриотизмот и хеленско-православниот идентитет како свои темелни вредности. Односот кон Македонија и Преспанскиот договор е централен во нејзиното позиционирање. Основана е во 2019 година како движење што произлезе од протестите против договорот и бара негово укинување. Во комуникацијата не го користи името „Северна Македонија“ и се противи на неговата употреба во парламентот. Поднела и предлог-закон за укинување на Преспанскиот договор.

Во актуелното барање Курупаки се повикува на одредбите од договорот што се однесуваат на активности на приватни лица или групи кои би можеле да поттикнуваат насилство, омраза или непријателство. На 15 септември таа веќе поставила прашање поврзано со наводна иредентистичка пропаганда и повици за вооружена активност во регионот на Флорина.

На 9 септември група граѓани до Обвинителството во Лерин предале видео од прослава во Овчарани (Мелити), на која се изведувале песни посветени на Александар Македонски. За нив тоа претставува провокација, па бараат да се утврди евентуална одговорност.

Грчките медиуми известуваат дека во видеото се слуша песна на словенски јазик со референци за Филип и Александар Македонски, која завршува со фразата „Бегајте Грци, доста со лагите“. Станува збор за народната песна „Александар е цар македонски“ во изведба на Сузана Спасовска, во која се пее „Бегајте Грци – доста лажете“.

Најнови вести од: Регион

To top