Регион

Бугарскиот европратеник Ковачев бара партијата на Вучиќ да биде исклучена од ЕПП

Бугарскиот европратеник за односите со партијата на Вучиќ

Притисокот врз Европската народна партија (ЕПП) појасно да се дистанцира од Српската напредна партија (СНС) расте – и внатре во групацијата и однадвор, пишува белградскиот „Данас“. Соговорниците на весникот, сепак, не очекуваат дека пред претстојните избори во Србија ќе биде донесена појасна одлука, иако ЕПП веќе покрена постапка против својот придружен член.

СНС и натаму ужива одредена заштита кај дел од членовите на германската ЦДУ, и покрај отстапувањата на партијата на Вучиќ од европските вредности.

Во последните месеци тонот на ЕПП кон Белград стана покритичен. Претседателот на Европската народна партија Манфред Вебер неодамна беше скандализиран од глорификацијата на Ратко Младиќ, осуден за геноцид и воени злосторства, оценувајќи ја како спротивна на европските вредности.

Андреј Ковачев, европратеник и шеф на бугарската делегација во ЕПП, смета дека Вучиќ и СНС биле толерирани предолго. Според него, групацијата покренала постапка против придружниот член.

На форумот „ЕУ се среќава со Балканот“ во Софија на 18 септември, Ковачев беше директн:

„Тие се придружен член на ЕПП, но ние покренавме постапка против нив и сега гласовите во ЕПП се многу, многу силни. Доста е доста и чекавме предолго – Александар Вучиќ играше на двете страни многу долго“, рече тој.

Тој се осврна и на европските лидери:

„За жал, видовте дека дури и европските лидери како Мерц и Макрон не се сосема јасни во своите пораки, бидејќи – како што веќе споменав – ни треба Србија. Србија е исклучително важна и тие секогаш се надеваат дека она што им го кажува Александар е вистина, но не е“, заклучи Ковачев.

Експертот за меѓународни односи Душко Лопандиќ потсети дека ЕПП пред повеќе од една година најави преиспитување на статусот на СНС, но оттогаш нема суштински поместувања.

„ЕПП продолжи да ги поканува претставниците на СНС на своите собири, иако беше забележливо дека тие не беа вклучени како говорници и дека им беше дадена второстепена позиција, во согласност со пропаднатата позиција на Србија во процесот на интеграција во ЕУ“, објасни Лопандиќ.

Најнови вести од: Регион

To top