Македонија

Ангелов: Слабостите во системот за кризи се намалуваат, реформите продолжуваат

Македонија ова лето најуспешно досега се справила со пожарите на отворен простор

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вели дека слабостите во Системот за управување со кризи, заштита и спасување, на кои укажува Државниот завод за ревизија, се во голем дел прашања на кои укажувал и во периодот кога бил директор на Центарот за управување со кризи, а продолжува да ги посочува и сега. Според Ангелов, дел од слабостите значително се намалени со измените на Законот за управување со кризи од минатата година, како и со измените на Законот за заштита и спасување, донесени во јуни годинава.

Тој посочува дека е подобрена и состојбата со ресурсите. Ова лето, по повеќе години, авионите „ер трактор“ биле навремено сервисирани и ставени во функција пред почетокот на сезоната на пожари на отворен простор. Постепено се зголемувал и бројот на противпожарни возила, вклучително и специјалните возила на ДЗС – 23 „пинцгауери“, 15 БТР и пет „хермелини“, пренаменети за гаснење пожари.

Како значаен чекор Ангелов го издвојува и воведувањето поедноставен начин на командување со силите за заштита и спасување. Со измената на членот 108 од законот, директорот на ДЗС може да донесе одлука за ангажирање на републичките сили за заштита и спасување во акции што бараат итна интервенција.

Според него, со ова се намалуваат административните постапки во итни ситуации и се овозможува побрзо ангажирање на единиците. Во силите за заштита и спасување се опфатени пожарникарите во државата, вработените и ангажираните лица во ДЗС, како и припадниците на Тимовите за брз одговор. Ангелов наведува дека ова лето значително бил зголемен ангажманот на доброволните пожарникари преку Тимовите за брз одговор, со што, според него, била избегната потребата од поддршка од полицијата и Армијата при гаснењето на сложени пожари.

Тој додава дека годинава немало потреба Македонија да бара меѓународна помош за справување со пожарите. Напротив, ДЗС за првпат во Европскиот механизам за цивилна заштита пријавила два авиони „ер трактор“ за помош на други земји. Ангелов оценува дека, и покрај постојните слабости и недостатоци, Македонија ова лето најуспешно досега се справила со пожарите на отворен простор.

Реформите на системот, како што посочува, продолжуваат со цел создавање една институција, која ќе ги обедини функциите на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.

Најнови вести од: Македонија

Говеда, џукели, глупи сте, ништо не знаете – со овие зборови им се обраќала претседателката на кумановскиот суд на вработените

Дури 75 од 90 вработени ја потпишале претставката против Снежана Манев, УПОЗ дава рок од осум дена, а потоа најавува протести и штрајк. Манев ги отфрла обвинувањата.

Хуманитарната трка „Трчаме со срце“ – 290 тркачи, едно срце и една повисока цел

Градскиот парк во Скопје на 19 септември пулсираше во ритамот на хуманоста, дружењето и спортскиот дух. На јубилејната СОС Хуманитарна трка powered by IT4Charity, 290 тркачи застанаа на стартната линија со една заедничка цел – да трчаат со срце и да дадат свој придонес за децата и младите на кои им е потребна поддршка.

To top