Македонија

Ефремов за дипломатската активност во Бугарија: Блокадата на европскиот пат од Софија е најголем предизвик

Ефремов: Блокадата на европскиот пат од Софија е најголем предизвик

Четворицата кандидати за амбасадори во Бугарија, Норвешка, Шведска и Романија денеска пред собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија ги претставија своите приоритети и планови за дипломатскиот ангажман.

Крум Ефремов, кој треба да ја предводи амбасадата во Бугарија, најави заложби за подобрување на билатералните односи, но и за надминување на актуелните политички предизвици.

„Неопходна е промена на пристапот преку деескалација во односите и правење на позитивна клима“, рече Ефремов, посочувајќи дека прашањето со бугарската блокада на евроинтеграциите останува најголем предизвик.

Тој најави и поголема соработка во економијата, туризмот, енергетиката и инфраструктурата, како и активирање на политичкиот дијалог на сите нивоа.

Дритон Кучи, кој треба да го продолжи мандатот во Норвешка, најави нова динамика во политичките, економските, безбедносните и конзуларните односи.

„Моја цел ќе биде да го зачувам постигнатото, но и да внесам нова динамика“, рече Кучи.

Како приоритети ги посочи европската интеграција, НАТО-соработката, економската дипломатија, како и подобрувањето на конзуларните услуги за македонските граѓани во Норвешка.

Во Шведска, Мухарем Јусуфи најави фокус на економската дипломатија и на поголема шведска поддршка за европската перспектива на Македонија.

„Особен акцент ќе биде ставен на економската дипломатија преку зголемување на трговската размена, привлекување на шведски инвестиции и создавање нови деловни партнерства“, рече Јусуфи.

Како области со потенцијал ги посочи ИТ-секторот, енергетиката, земјоделството, туризмот и зелените технологии.

Габриел Атанасов, кој повторно треба да биде амбасадор во Романија, како еден од главните приоритети го посочи подобрувањето на меѓусебната перцепција и зголемувањето на контактите меѓу двете земји.

„Една од најважните работи е креирање на позитивна перцепција во двете држави – и за Романија во Македонија, и за Македонија во Романија“, рече Атанасов.

Тој посочи дека економската соработка е особено важна и најави заложби за привлекување повеќе романски инвестиции во Македонија.

Најнови вести од: Македонија

Младите треба да бидат активни партнери во креирањето на реформите – владина делегација во Црна Гора

Учеството на Македонија на овој висок политички форум е можност за размена на искуства и добри практики со земјите од регионот, за зајакнување на регионалната координација во младинските политики и за отворање простор за нови иницијативи и механизми што ќе придонесат кон поголемо учество и поврзаност на младите.

Американскиот Балкански трговски центар потпиша договор за стратешко партнерство со Стопанската комора на Илиноис

Американскиот балкански трговски центар (AБTC) официјално потпиша договор за стратешко партнерство со Трговската комора на Илиноис, означувајќи важен нов чекор во мисијата на организацијата за зајакнување на деловните врски и создавање нови можности меѓу Соединетите Американски Држави и Балканскиот регион.

Без сопствени ВИ модели и дата-центри Македонија ризикува да стане дигитална колонија, вели Трајанов

Ни требаат национални дата-центри за чување на податоците тука. Иако постојат одредени ризици, бенефитот од тоа податоците да бидат под наш суверенитет е драстично поголем

Манасиевски: Љупчо Николовски избега од соочување, очекувам одговори на поставените прашања

По денешното граѓанско судско рочиште, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, го повика поранешниот вицепремиер и министер за земјоделство Љупчо Николовски да одговори на наводите поради кои, како што вели, е тужен

Најнови вести

To top