Одговарајќи на прашањето како го толкува ставот на официјална Софија дека е подготвена за дијалог, но и натаму сака разговорите да се одвиваат билатерално, а не со посредство на ЕУ, премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МТВ, рече дека Европската Унија треба да се вклучи во процесот за да ги слушне аргументите на двете страни.
Според Мицкоски, досегашните средби не донеле суштински резултат.
„Видете, досегашните средби на билатерално ниво коишто ги имаше и претседателката, но и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, се средби коишто јас ги викам средби колку да се случат средби. И тука имате вие брифирање после тоа нo кога ќе завршат тие средби, брифирање од состаноците, секогаш со сосема различна вистина од тоа којашто е разговарано на состанокот“, вели премиерот
„Нашата идеја кога велиме да се вклучи и Европската Унија е со цел да ги слушнат и нашите аргументи и аргументите на другата страна. Јас знам која е загриженоста од страна на официјална Софија.
Тие велат: ‘ако ние седнеме во присуство на трет партнер, тоа значи дека навистина имаме билатерален спор’. И навистина ние имаме билатерален спор. Ние можеме да измислуваме, да се правиме дека немаме, ние во суштина навистина имаме билатерален спор којшто е сега на својот почеток. И додека е на почеток, јас тоа го кажав и во мојот говор вчера, ние треба да водиме дијалог и токму поради тоа ни се потребни претставници на мултилатерални организации, во случајов Европската Унија, за да ги слушнат аргументите“ – нагласи Мицкоски.
Тој истакна дека позицијата на Владата е дека не може да влезе во авантура без да го знае крајот на евроитегративниот пат.
„Нашата позиција е ние не можеме да влеземе во било каква авантура без да знаеме дека крајот е на дофат и дека јасно го гледаме крајот. Не би сакале да влеземе во процес којшто континуирано потоа ќе ни се поместува. Зашто? Затоа што еве ќе бидам најотворен и најдиректе, утре да ги отвориме преговорите, секое поглавје, секој кластер ќе треба потоа да се гласа во националните парламенти кога се затвора на земјите членки на Европската Унија.
Тоа е најмалку 80 пати можност ние повторно да добиеме нови барања. Како тоа ќе изгледа? Ќе излезе некоја порадикална структура во Парламентот на нашиот источен сосед и потоа овие помeјнстрим политичарите ќе речат: „знаете, мораме сега поради домашни проблеми повторно да ги блокираме, знаете руско влијание, вакво влијание, ние се бориме против тоа руско влијание, знаете вие сте лошите Русјаци, ние сме добрите Бриселци“ и отприлика така сето тоа ќе изгледа. Јас во тој процес нема да влезам – рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека Владата има предлози како да се надминеме овој процес и како тоа да се постигне заеднички со Бугарија, со која, како штио рече сме партнери во НАТО.
„Така што, ако таму сме партнери во тоа семејство, логиката вели дека и тука треба да сме партнери. И на крајот од денот, во интерес и на официјална Софија е да ние бидеме дел од Европската Унија, мислам тоа се тие добрососедски односи“ – рече Мицкоски.
Тој истакна дека Владата ја користи секоја можност пред стратешките партнери, меѓу кои и САД, да ги презентира аргументите и позициите на Македонија во однос на интеграцијата во Европската Унија.
„Јас само можам да кажам дека ние ја користиме секоја прилика, секоја можност да ги презентираме нашите аргументи. Тоа е тоа кое што мене ми е важно и тоа е тоа кое што е важно на луѓето од Владата“, рече Мицкоски и додаде дека нивната цел е да се обидат практично да ги пренесат „нашите позиции, нашите аргументи, а потоа нашите соговорници нека ценат и нека судат дали сме во право или не сме во право“, потенцираше македонскиот премиер во телевизиското интетрвју за јавниот сервис.